• понеделник, 25 ноември 2024

Борел: ЕУ ќе обучи до 75.000 украински војници до крајот на годината

Борел: ЕУ ќе обучи до 75.000 украински војници до крајот на годината

Брисел, 30 август 2024 (МИА) - Министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ се согласија до крајот на годината инструктори од Унијата да обучат до 75.000 украински војници, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Министрите се состанаа во Брисел за да ја разгледаат продолжената операција за обука на украинските воени сили за нивната одбрана против големата руска инвазија. Борел ја опиша оваа операција како „најуспешната мисија за обука која ЕУ некогаш ја спровела“.

Обуките се спроведуваат во Германија и Полска. Првиот дипломат на ЕУ посочи дека во моментот се работи со 60.000 украински војници, чија обука ќе заврши до крајот на летото, со цел до крајот на годината бројот да се зголеми за уште 15.000 војници.

Министрите за одбрана исто така дискутираа за можноста за продолжување на мисијата до 2026 година, за што ќе се донесе официјална одлука. Разговарано е и за планот дел од операциите за обука на војниците да се спроведуваат на територијата на Украина, но по ова прашање не беше постигнат договор, посочи Борел. Наместо тоа, беше одлучено обуката да се одвива „што е можно поблиску до Украина, но не на нејзина територија“, додаде тој.

Денешната средба беше неформална, што значи дека од министрите за одбрана не се очекува да донесат официјални одлуки. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан