• недела, 22 декември 2024

Божествената евхаристија по осми пат на врвот Голем Крчин

Божествената евхаристија по осми пат на врвот Голем Крчин

Дебар, 13 август 2023 (МИА) - Врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, по осми пат ги дочека бигорската и раичката обител и многуте поклоници на Боженствена литургија, што се одржа со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, како и со дозвола на раководството на Националниот Парк "Маврово".

-Во висините, на оние места каде што земјата се соединува со небото и првите зраци на сонцето ти го благословуваат претстојниот ден, каде сосредоточено и мирно чекориш за да го чуеш говорот на тишината и во длабока аскеза полека кон целта се издигнуваш, таму целото твое битие се буди за благословен молитвен подвиг за да учествува во Тајната над сите тајни, во Божествената евхаристија, која  се случи на мистичниот врв Голем Крчин, информираа од Бигорскиот манастир.

Велат „овој прекрасен врв нѐ собра заедно, за одново да ни ја испрати благодатта на таворскиот подвиг“.

Посебна чест за сите беше присуството на протопрезвитерот Бобан Митевски, кој му сослужуваше на архимандритот Кирил од Бигорската Обител.

- Почитуваниот ереј со нескриено воодушевување ги сподели со сите нас своите возвишени чувства од заедничкиот подвиг во своето просветлено слово за благолепието и за благодатното доживување на евхаристиското собрание на овој наш Тавор, пожртвувано се потрудија бигорските монаси и монахињите од манастирот во Рајчица, како планинарските водичи при Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност и поддршка секогаш се голема поткрепа во организирањето на овие аскетски восходења. Нека нашиот Господ Исус Христос ја испрати Својата несоздадена светлина на оние коишто постојано копнеат по Него и безрезервно Го љубат, порачуваат од Бигорскиот манастир. 

На врвот Голем Крчин, во 2016 година, првпат по 80 години, беше отслужена Литургијата на местото каде што некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него.

Голем Крчин е највисокиот врв на планината Крчин во западниот дел на земјава, кој се извишува над долнореканското село Битуше, на надморска височина од 2.341 метар. Планината се протега во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман. вт/аа/

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан