• недела, 19 мај 2024

Богата културно-уметничка програма за 10. издание на манифестацијата ,,Бабина Баница 2023"

Богата културно-уметничка програма за 10. издание на манифестацијата ,,Бабина Баница 2023

Македонска Каменица, 3 јуни 2023 (МИА) - Во Македонска Каменица се подготвува 10-тото издание на манифестацијата „Бабина Баница 2023“. Настанот и годинава го организира Здружението на пензионери, а ќе се одржи во манастирско-туристичкиот комплекс во селото Цера.

-Манифестацијата претставува дружење на отворено во село Цера во манастирско-туристичкиот комплекс Еленец. Бабина Баница годинава ќе се одржи на 11 јуни 2023 со почеток во 10:30 часот. Истата е со натпреварувачки карактер кој се состои во месење, сукање и печење баница на стар традиционален начин под вршник, информираше Јаворка Соколовска претседател на Здружението на пензионери од Македонска Каменица.

Манифестацијата и годинава ќе биде проследена со богата културно-уметничка програма.

-Настанот се одржува во соработка со Општина Македонска Каменица и КИЦ „Романса", а најавено е присуство на повеќе здруженија на пензионери како од соседните градови, така и пошироко од источниот регион и државата, додаде Соколовска.

Бабина Баница е еден од најмасовните настани организиран во пазувите на Осоговските Планини и манастирот Покров на Пресвета Богородица во село Цера, каде секоја година присуствуваат над 2000 гости од сите краишта на државата. вс/вг/


Фото: МИА архива

Остани поврзан