• недела, 22 декември 2024

Блумберг: САД ќе испратат над 30 тенкови „Абрамс“ во Украина

Блумберг: САД ќе испратат над 30 тенкови „Абрамс“ во Украина

Вашингтон, 25 јануари 2023 (МИА) -  САД ќе испратат 31 тенк „М1 Абрамс“ во Украина како нова воена помош вредна 400 милиони долари, соопшти денеска Блумберг, преку повеќе објави на Твитер.

Претходно денеска, неименуван американски претставник за агенцијата Анадолија изјави дека американскиот претседател Џо Бајден утре или во наредните неколку дена ќе соопшти дека САД во Украина ќе испратат тенкови „М1 Абрамс“.

- Претседателот Бајден ќе објави дека ќе испорача тенкови „М1 Абрамс“ во Украина, рече изворот и додаде дека пакетот што ќе биде објавен може да вклучува тенковска единица, односно контингент од 30 до 50 тенка.

Овој чекор на администрацијата во Вашингтон доаѓа откако Германија се двоумеше да испорача тенкови „Леопард“ во Украина, по што денеска донесе позитивна одлука.

Обраќајќи им се на новинарите во текот на денот, американски официјални претставници изјавија дека Вашингтон е склон да испорача тенкови на Украина во рамките на дипломатски договор со Германија.

Според тоа, САД ќе испорачаат на Украина тенкови „М1 Абрамс“ во замена за тоа што Германија на Украина и Полска ќе треба да им ги отстапи тенковите „Леопард“ од сопствениот инвентар и да одобри согласност на други држави да понудат тенкови од германско производство на Украина.

Американската администрација тврдеше дека во оваа фаза не е соодветно на Украина да ѝ се дадат тенкови „Абрамс“, повикувајќи се на скапото одржување и обуката.

Меѓутоа, официјалните претставници кои разговараа со американските медиуми сугерираа дека ставот на Вашингтон се променил при телефонскиот разговор на 17 јануари меѓу Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц, наведува Анадолија.

Тенкот Абрамс е во употреба од 1980 година и оттогаш се произведени околу 10.700 во различни верзии.

Се користеше во Заливската војна, како и во војните во Авганистан, Ирак и Јемен.

Претходно денеска Германија одобри испраќање на тенкови Леопард 2 во Украина и нивен повторен извоз од земјите партнери.

Во првиот пакет во Украина ќе бидат испорачани 14 Леопард 2 од германските воени резерви, а Берлин ќе обезбеди логистика и муниција. ссм/

Остани поврзан