• сабота, 02 март 2024

Блинкен: Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки

Блинкен: Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки, порача американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата попладнево во Скопје со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

 -Прекрасно е да се биде тука, прекрасно е да се биде во Северна Македонија, прекрасно е да се биде со сите наши колеги. Доаѓам од НАТО, што е соодветно бидејќи Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите наши сојузници во Алијансата, и тоа секојдневно го гледаме. Морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката, рече Блинкен.

Имаме стратешко партнерство, додаде Блинкен,  кое навистина е фокусирано на работата која ја вршиме заедно како сојузници и партнери, но исто така и работата која што заеднички  ја вршиме на билатерално ниво.

-Како што знаете ние силно ја поддржуваме вашата евроатлантска интеграција, ја поддржуваме работата за зајакнување на вашите демократски институции, силно ја поддржуваме работата што ја вршите за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко, што ќе има големо влијание. Во сето ова можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум тука оваа вечер не е само заради ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме, нагласи државниот секретар Блинкен.

Како што соопштија од МНР, на оваа прва посета на државен секретар на САД на Северна Македонија во фокусот на разговорите беа актуелните меѓународни случувања, со посебен фокус на состојбите во Украина. При тоа соговорниците упатија силна осуда за руската воена агресија и цврста поддршка за украинскиот народ.

-Како стратешки партнери и НАТО сојузници стоиме обединети во поддршката за Украина и одбраната на современите демократски вредности и принципи. Силно ја осудуваме руската воена агресија што претставува напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и сериозна закана за светскиот мир и стабилност, порача Османи.

Соговорниците се, посочува, се осврнаа и на нашето претседавање со ОБСЕ, при што беа истакнати заложбите на Северна Македонија за надминување на предизвиците со кои се соочува организацијата, како и целокупната поддршка од САД во тој процес. Заеднички ја поздравија одлуката што го отвара патот Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ во 2024 г., со што се надмина кризата со која се соочуваше организацијата и претставува значаен успех за нашето претседавање и иднината на ОБСЕ.

Средбата на министерот Османи со државниот секретар Блинкен, се подвлекува, е од историски карактер бидејќи станува збор за прва посета на Државен секретар на САД на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

-Посетата е уште една потврда за новиот однос меѓу двете дипломатии што започна минатата година кога Османи и Блинкен заеднички го лансираа Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, во Вашингтон, се наведува во соопштението од МНР.

Американскиот државен секретар Блинкен ќе учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој официјално почнува утре.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров. 

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

Блинкен од Скопје заминува за Израел. вг/аа/

Остани поврзан