• недела, 22 декември 2024

Битиќи: Јасен е ставот на Владата околу двете одредби за платите на функционерите

Битиќи: Јасен е ставот на Владата околу двете одредби за платите на функционерите

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Ставот на Владата околу укинувањето на двете одредби за висината на платите на јавните функционери е јасен - Владата има дадено негативно мислење, испратено до Уставен суд во кое укажува дека Уставниот суд не треба да ја прифати иницијативата и дека треба да остане на претходните одредби, да не ги укине, рече вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според Битиќи, сето ова може да се затвори со закон, но не е добро да се носат избрзани одлуки како реакција на нешто зашто така само може да се предизвика поголема штета.

-Дали со закон се решаваат сите проблеми околу избрани и именувани лица? Не. Дали може да се нанесе штета со избрзана одлука како реакција? Да, може, зашто со одлуката, освен функционери, министри и пратеници, се опфатени и судии и други именувани лица. Не треба да се носат решенија како реакција на одреден момент. Штетата може да биде многу поголема од носење одлука како реакција, одошто да се седне и да се најде одржливо решение за сите, на праведен начин, истакна Битиќи во гостувањето на „Вин-вин“.

Како што напомена Битиќи, ако методологијата за плати за целиот јавен сектор се усогласи со синдикатите, истата методологија ќе се реплицира и за избраните и именуваните лица. 

-Сегашната плата на премиерот е во распон од 2,14 плати со просечната плата, а просекот во ЕУ е распон пет, во регионот 4. Дури и со новото покачување би отишле на распон 3,7 - 4. Но, велиме не, зашто состојбите се такви. Да најдеме решение кое овој распон ќе го направи адекватен за нашата држава, објасни вицепремиерот.

Тој најави дека Владата сака во април да се постигне договор со синдикатот за колективниот договор во јавниот сектор.

Во врска со „Бехтел и Енка“, тој подвлече дека ако навистина има предмет, Обвинителството не треба воопшто ни да праша дали да отвора истрага, туку тоа треба да биде највисок приоритет.

-Останувам на ставот дека таму каде што се зборува, ако навистина има предмет, Обвинителството не треба воопшто ни да праша дали да отвора истрага, тоа треба да биде највисок приоритет особено зашто ова е битен инфраструктурен проект. Но, секогаш сум поборник на тоа пресумпцијата на невиност или одлуките кои Владата би ги донела, да не се избрзани, што ако обвинителството и Антикорупциска на крајот речат дека тука формално-правно нема предмет, а ние го стопираме одредени работи, како на граѓаните ќе им, кажеме дека имаме уште една изгуибена година? Комисијата за евалуација е таа која ги гледа детлаите, а нам ни доаѓа изештај од таа комисија. Управувачкиот комитет не влегува во реевалуација на пристигнатите понуди. Ако по мандат Управувачкиот комитет би имал надлежност за реевалуација на сите документи, тогаш можеме на него да се вадиме. Добро е што Обвинителството почна предистражна постапка која треба поскоро да заврши, истакна Битиќи. мч/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан