• недела, 22 декември 2024

Битиќи: Граѓанскиот сектор има клучна улога во обликувањето подобар свет

Битиќи: Граѓанскиот сектор има клучна улога во обликувањето подобар свет

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи учествуваше на панел на Националниот форум оганизиран од Цивика мобилитас, на кој претставници на организации од граѓанскиот сектор разговараа на тема „Од граѓански активизам до општествени промени - очекувањата наспроти реалноста“.

-Немаше да бидам тоа што сум денес ако на почетоците на мојата активно не учествував во граѓанскиот сектор каде поминав долги години, изјави Битиќи.

Во неговиот осврт, како што соопшти владината прес-служба, Битиќи нагласи дека суштината на работењето на сите чинители треба да биде вклученоста, која, пак, од друга страна бара време.

-Животниот циклус мора да не носи низ граѓанскиот сектор за да научиме да правиме нешто и за другите, треба да не води и низ бизнис-секторот за да правиме нешто и за себе, но секако, треба да не носи и во државниот сектор за да направиме нешто за општеството низ еден институционален и структуриран пристап, рече  Битиќи.

Тој апелираше за поголема инклузивност на различностите во државата и за побрзо созревање како општество во целина, бидејќи, како што рече, негативните реакции по предлогот за либерализација на работна сила, кое е подигнато како прашање за потребите на приватниот сектор во земјава, говорат дека треба уште да работиме во овој сегмент.

Вицепремиерот Битиќи во неговото обраќање на панелот рече дека со консензус и инклузивност, Владата на Северна Македонија работи на Националната развојна стратегија која со вклучување на академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор обезбедува консензус со кој ќе имаме јасен пат на приоритети за нашиот развој во следните 20 години.

-Националната развојна стратегија, рече Битиќи ќе биде заедничкиот патоказ, ќе биде стратегија која ќе делува како чадор кој обединува, без разлика која партија ќе биде на власт, бидејќи јасно ќе одреди во кој дел се потребни финансии со што ќе обезбеди позитивна средина и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели и го бележи патот каде треба граѓанскиот сектор  да делува, наведува прес-службата на Владата во соопштение. 

Покрај вицепремиерот Битиќи, говорници на панелот беа и Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Љатифе Шиковска, пратеничка во Собранието, Петрит Сарачини, поранешен координатор на Одделение за медиумски мониторинг при Владата и Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии. хс/лв/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан