• вторник, 23 јули 2024

Бислими: Имам информации дека е препорачано укинување на мерките на ЕУ кон Косово

Бислими: Имам информации дека е препорачано укинување на мерките на ЕУ кон Косово

Приштина, 13 јуни 2024 (МИА) – Потпретседателот на косовската Влада задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими изјави дека има информации оти во извештајот за Косово на претставникот на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, се препорачува да се укинат санкциите што пред една година ЕУ ги воведе кон Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бислими на денешната седница на Комисијата за евроинтеграции на Собранието на Косово изјави дека „содржината на извештајот е позитивна“.

- Извештајот на господинот Борел е предуслов за третирањето (на барањето на Косово за зачленување) во Советот на Европа, беше изготвен во април, но имаше двоумење да се испрати до Комисијата. Извештајот требаше да биде доставен завчера, но дел од Комисијата побара мало одложување. Веруваме дека ќе биде испорачан следната недела. Информациите што ги имам се дека содржината на извештајот е позитивна и препорачува укинување на мерките, рече Бислими.

Вицепремиерот, воедно и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, додаде дека мерките на ЕУ индиректно влијаеле на имиџот на Косово и на интегритетот на ЕУ.

- Мерките ја разоткрија нивната пристрасност во целиот овој процес, додаде тој, нагласувајќи дека „имаше тенденција мерките да се злоупотребат“.

- Ниту еден проект на ЕУ не е суспендиран. Ниту еден реализиран проект не е суспендиран....ИПА 2023 воопшто не е дирната. Во ЕУ се разговара за ИПА 2024, но поради мерките таа не е усвоена, изјави Бислими. иа/
 

 
 
 

 

 

Остани поврзан