• недела, 22 декември 2024

Бисерко: Вучиќ од порано го најави нападот во Бањска, целта му беше поделба на Косово

Бисерко: Вучиќ од порано го најави нападот во Бањска, целта му беше поделба на Косово

 

Приштина, 28 септември 2023 (МИА) – Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Србија, Соња Бисерко вели дека целта на нападот од страна на српска вооружена група врз косовската полиција во Бањска, кај Звечане, во северно Косово, во неделата, на 24 септември, била поделба на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за црногорскиот медиум „ЦдМ“ (Cafe del Montenegro), кое го пренесува приштинскиот портал „Телеграфи“, Бисерко рече дека нападот бил очекуван и најавуван подолго време, дури и од самиот претседател на Србија, Александар Вучиќ.

- Графитот „Кога војската ќе се врати на Косово“ како предупредување го поплави не само Белград, туку и внатрешноста на Србија. Потоа, говорот на претседателот Александар Вучиќ на Генералното собрание (на ООН), неговиот тон и порака – сето тоа укажуваше дека нешто се подготвува. Белград отсекогаш бил транспарентен во своите намери, како во 90-тите кога тргна да ја уништува Југославија, секоја акција и намера претходно се најавуваше во медиумите, изјави Бисерко.

Српската активистка за човекови права посочува дека со обелоденувањето на информациите за случувањата на 24 септември се подразбира дека постоело сценарио да се предизвика конфликт, за потоа српската војска да влезе со цел наводно да го заштити српскиот народ на север и на овој начин да предизвика поделба на Косово.

Според Бисерко, поделбата на Косово е опција која ја поддржуваат речиси сите во Србија: политичката елита, академската елита, армијата, медиумите итн.

Бисерко вели дека таквата состојба не е испровоцирана од косовскиот премиер Албин Курти, како што пропагира официјален Белград и медиумите под негова контрола.

- Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија која Западот не може да ја толерира. Оваа ситуација не ја испровоцира Курти, како што коментираат многумина во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионалност, вели Бисерко.

Таа додаде дека потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојичиќ, кого официјална Приштина го посочи како водач и организатор на нападот на север, лежи во белградската воена болница (ВМА).

- Ако не Вучиќ, кој тврди дека не знаел што се случува, тогаш се поставува прашањето која е главната фигура во Белград. Истрагата потврдува дека се работи за добро опремена (борбените возила се на МВР на Србија, како и арсеналот оружје, кој, според проценките, бил наменет за 200 лица) и добро обучена група предводена од Радојичиќ, кој инаку е под санкции од САД. Се дознава дека е повреден и се наоѓа во ВМА. Идентитетот на уапсените сè уште не е откриен, но веројатно, како што сугерираат некои аналитичари, многу од нив биле и на украинското бојно поле на руска страна, изјави Бисерко за црногорскиот „ЦдМ“.

Во неделата, на 24 септември, во Бањска кај Звечане, северно Косово, група од над 30 вооружени и маскирани лица нападнаа косовски полицајци, при што еден припадник на полицијата беше убиен, а уште двајца беа ранети. Во одговорот на косовските специјалци беа убиени најмалку тројца од напаѓачите и беа запленети големи количества оружје, како и околопни и други возила користени во нападот.иа/сд/

Остани поврзан