• недела, 22 декември 2024

Бесплатен превоз за кумановци до крајот на годинава

Бесплатен превоз за кумановци до крајот на годинава

Куманово, 1 ноември 2023 (МИА) - Кумановци ќе имаат бесплатен превоз до крајот на годинава, изјави денеска градоначалникот, Максим Димитриевски. Според него, бесплатниот превоз e мерка корисна за сите категории граѓани. Во градот функционираат 27 линии со 54 возила кои покрај во градот, превезуваат патници и до руралните средини, меѓу нив и до селата оддалечени и по 20-тина километри.

- Како општина ги субвенционираме превозниците со денари по изминат километар. Годишна субвенција е милион евра, кои значат за општината како средства, но и придонесуваат граѓаните во просек да се превезуваат од осум до 16.000 качувања според проценките на диспечерскиот центар, изјави Димитриевски.

Тој напомена дека е распишана постапка за нови постојки и ги повика компаниите да се пријават. Димитриевски кажа дека целта е да се намали бројот на возила во градот, да се елиминираат „дивите“ такси превозници и да се создаде долгорочна навика за користење на превозот.

Кумановскиот градоначалник кажа дека веќе од наредните години ќе се бара превозниците да користат посовремени возила.

- Иако не ветивме, другите ветија, ние сме единствениот град во државата кој нуди ваква субвенција за сите категории граѓани, изјави Димитриевски.

Опозицијата реагираше дека е огромна сумата која се одвојува за превозот. Дел од граѓаните пак реагираат дека одредени категории граѓани ја злоупотребуваат мерката и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот. ам/мд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан