• недела, 22 декември 2024

Бесими: Мора да се најде трајно решение за набавка на лекови за луѓето со ретки болести

Бесими: Мора да се најде трајно решение за набавка на лекови за луѓето со ретки болести

Скопје, 10 февруари 2023 (МИА) - Мора да се фокусираме да надминеме секакви евентуални бирократски или други препреки за да се најде трајно решение за набавка на лекови за луѓето со ретки заболувања, порача вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во гостување на ТВ Сител, Бесими рече дека секогаш кога се потребни пари за нешто се посочува на Министерството за финансии, но, потенцира, дека улогата на Министерството е во текот на креирањето на Буџетот да се каже рамката - колку пари има на располагање, колку ќе бидат приходите и како ќе се распределат.

-Проблемот со набавка на лекови за ретки болести е од поодамна. За последниот случај имаше заклучок на Влада, имаше состаноци за да се реши проблемот, се најде решение, се донесе одлука на Влада дека ќе се излезе во пресрет и вчера се донесе одлука тоа да се реализира најбрзо што може, рече Бесими.

Како ќе се распредели лекот останува на лекарите да решат, рече Бесими.

- Јас не сум стручен ниту имам право да кажам што, како и на кого. Тоа го прават стручни лица во овој случај лекари. Треба да се најде трајно решение и за други случаи што може да се случат денес, утре, задутре. Како општество треба да се бориме секојдневно, но на ниво на стручни лица, потенцира Бесими. 

Владата вчера преку Фондот за здравствено осигурување обезбеди 2,2 милиони евра за набавка на лекот „трикафта“ за најкритично болните од „цистична фиброза“, откако претходно почина 45-годишниот битолчанец Благојче Илијевски кај кого состојбата беше најкритична. Во земјава има околу 130 лица болни од „цистична фиброза“. вј/бак/

Остани поврзан