• петок, 22 ноември 2024

Бериша пред притвор - Советот за мандати му предложи на Парламентот да му се одземе пратеничкиот имунитет

Бериша пред притвор - Советот за мандати му предложи на Парламентот да му се одземе пратеничкиот имунитет

Тирана, 18 декември 2023 (МИА) - Советот за мандати со шест гласови „за“, ниту еден против или воздржан, го отвори патот на процесот за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател и експремиер Сали Бериша и актуелен лидер на побројното крило на опозициските демократи во Албанија.

Ова е прв чекор, бидејќи конечната одлука се очекува да биде донесена в четврток, кога е планирана посебна седница во Собранието, на која, се очекува, прва точка на дневен ред, да биде гласањето за одземање на имунитетот на Бериша.

-Откако ќе му биде одземен мандатот обвинителите на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, ќе се обратат до Специјалниот суд за одобрување на безбедносната мерка „куќен притвор“ или „затворски притвор“ за поранешниот премиер. Откако судот ќе го разгледа барањето на СПАК, во случај на прифаќање, ќе ги овласти службениците на правосудната полиција да ја извршат мерката побарана против Бериша, објави abcnews.al.

Поранешниот премиер е под истрага на СПАК за случајот со приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизан“ во Тирана со чија приватизација, според обвинителите, зетот на Бериша за ќерка, незаконски стекнал пет милиони евра. На местото на поранешните спортски терени и објекти тој изградил неколку повеќекатници.

Под сомнение за „пасивна корупција“ и „злоупотреба на службената положба“ нему му беше изречена мерка редовно јавување во судот, секој прв и трет понеделник во месецот, што тој не го испочитува, како и забрана за напуштање на државата.

На седницата, одземањето на имунитетот треба да добие одобрение од повеќе од 50 отсто од вкупно 140 пратеници, за да се отвори патот за „мерката притвор“ против Бериша од СПАК, за што владејачкото мнозинство има доволен број, а тука секако и дел од демократските пратеници, кои и денеска на седницата на Советот гласаа „за“.

На Бериша(79) најверојатно ќе му биде одредена мерката „домашен притвор“ бидејќи и неговиот адвокат но и други стручни правни лица тврдат дека не може да заврши во затворски притвор, бидејќи поради возраста тоа не го дозволува законот, и дообјаснуваат дека за лице повозрасно од 70 година максимумот е куќен притвор. вт/ссм/

Фото: албански Парламент

Остани поврзан