• петок, 26 април 2024

Бербок: Русија со хибридна војна се обидува да ја дестабилизира Европа

Бербок: Русија со хибридна војна се обидува да ја дестабилизира Европа

Сараево, 5 март 2024 (МИА) – Шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, денеска предупреди дека европските земји мора сериозно да ја сфатат заканата од хибридна војна што доаѓа од Русија, која на тој начин се обидува да ја дестабилизира Европската унија.

- Има обиди да се дестабилизираат нашите демократии одвнатре, изјави Бербок во Сараево, каде престојува во официјална посета, пренесе Хина. 

Таа оваа оценка ја даде додека ја коментираше последната криза во германско-руските односи, што произлезе од обвинувањата на Москва дека високи германски воени офицери подготвувале војна против Русија кога разговарале за тоа како може да се урне мостот на Крим со ракети „Таурус“.

Ваквите тврдења од Москва уследија по објавувањето на наводите за тајно прислушкувани разговори на германски офицери.

Бербок потсети дека канцеларот Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус веќе најавија брза и темелна истрага за овој случај, но таа посочи дека зад целата наводна афера стои обидот на Русија да го сврти вниманието од вистинската димензија на војната против Украина и нејзината цивилното население, кое води со сите средства.

Хибридното војување, како што рече, е војна на наративи и замена на улогите на жртва и напаѓач.

– Тоа треба многу сериозно да се земе предвид, изјави германската министерска за надворешни работи.

Затоа, оцени таа, кибер безбедноста сега добива уште поголемо значење, додека соработката на сите земји-членки на ЕУ е неопходна, но не само нив, бидејќи на такви закани се изложени и земјите кои не се членки на ЕУ, особено оние од Западен Балкан.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан