• петок, 05 декември 2025

Белгија изложена на критики поради „неефикасност на правосудниот систем“ 

Белгија изложена на критики поради „неефикасност на правосудниот систем“ 

Брисел, 21 јули 2025 (МИА) - Неколку институции на ЕУ побараа од Белгија да ги засили своите напори во разрешување на случаите на корупција за кои постојат сомнежи за поврзаност на европратеници и службеници на Европската комисија. 

Од своја страна, забавувањето на истрагите околу корупциските истраги, белгиските власти ги правдаат со ограниченост на ресурси, пред се на персонал. 

Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтан во четвртокот пред пратениците во Парламентот на Белгија изјави дека ситуацијата со недостигот на персонал во правосудниот систем е сериозна, посочувајќи дека Федералната канцеларија за борба против организираниот економски и финансиски криминал има само 35 службеници, од кои половина во моментов се ангажирани на случаи што ги води Европското јавно обвинителство, а Единицата за борба против корупцијата има 64 истражители за целата земја. 

- Борбата против корупцијата и измамите е апсолутен приоритет, истакна Квинтан пред белгиските пратеници. 

Изјавата на Квинтан претставуваше реакција на минатонеделното заедничко интервју на европската јавна обвинителка Лаура Ковеши за белгиските весници „Стандард“ и „Соар“, во кое таа оцени дека Белгија станала „клучен центар на организираниот финансиски криминал“. 

- Ова веќе не е само белгиски проблем. Криминалните групи ја користат Белгија како главна база за нивните активности. Белгија има и посебна одговорност, бидејќи е домаќин на повеќето институции на ЕУ, нагласи Ковеши во интервјуто. 

Европската главна обвинителка Лаура Ковеши на вториот ден од посетата на Софија изјави дека само независно судство може да дели правдата, јави дописникот на МИА од Софија

Во моментов Европското јавно обвинителство води 79 истраги во Белгија, поврзани со корупција, подмитување или злоупотреба на буџетски средства од страна на членови на Европскиот парламент, а, меѓу останатите, и за т.н. афера „Фајзергејт“ околу договарањето на набавките на вакцини против Ковид-19 во 2020 година меѓу ЕУ и компанијата „Фајзер“ во која директно е инволвирана претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

Минатиот месец и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола најави преиспитување на процедурите за соработка со белгиската полиција, изразувајќи сомнеж околу „квалитетот и дискрецијата“ на истрагите што ги водат надлежните органи во Белгија. 

Најавата на Мецола уследи откако неколку европратеници се пожалија на „нарушување на нивниот углед и репутација“, поради тоа што во јавноста протекоа информации од доверливи истрага на белгиските власти без конкретни докази за злоупотреби.    

За ова прашање се дебатирало и минатата недела на затворена седница на Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, околу расправата за укинување на имунитетот на неколкумина европратеници кои се предмет на истрага од страна на белгиските власти. Според извори во ЕП, дел од европратениците побарале во иднина белгиските власти „подобро да ги подготват случаите“ и да презентираат „посуштински докази“ до Парламентот. 

Овие најнови критики на работата на белгиското правосудство се надоврзуваат на претходно изразеното незадоволство од одолговлекувањето на истрагата за аферата „Катаргејт“ од 2022 година, која се уште е во тек и засега нема најави за нејзино брзо завршување. 

Станува збор за случај во кој европратеници се сомничат дека примале „награди“ од властите во Мароко и Катар за т.н. „купување на влијание“. 

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, преку формално писмо соопшти дека во наредните три недели институцијата ќе работи забавено во обид да се намали ширењето на Ковид-19.

Критики за состојбите во белгискиот правосуден систем беа изнесени и во последниот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во кој беше оценето дека овие институции во Белгија се соочуваат со „системски недостатоци“. 

Според ОЕЦД, од 2016 година во Белгија биле изречени само три пресуди во случаи поврзани со прекугранична корупција, а многу судски постапки завршиле со ослободителни пресуди поради процедурални доцнења. 

Во Извештајот се истакна дека белгиското правосудство се соочува со сериозни недостатоци на персонал, при што се наведува дека еден истражен судија во Брисел обработува просечно по 150 случаи годишно, а само тројца федерални обвинители се ангажирани на случаи на прекугранична корупција.  

На ваквите забелешки белгиското Министерство за внатрешни работи одговори дека приоритет на Владата е зголемување на бројот службеници и нивна обука, додека Министерството за правда соопшти дека во последните години се вложени значителни напори за зајакнување на специјализираниот оддел за борба против прекугранична корупција. Сепак, тие признаваат дека ангажирањето, а потоа и задржувањето на стручно оспособени истражители за вакви случаи оди тешко. 

Белгиските власти долго време нагласуваат дека земјата не е во можност сама да го носи товарот на истрагите за корупција покренати од Европското јавно обвинителство. 

Поранешниот белгиски премиер Александер де Кро лани како решение за овој проблем побара проширување на овластувањата на Европското јавно обвинителство во истражните постапки. Според сегашната регулатива, Обвинителството покренува истраги, но ги спроведуваа во соработка со надлежните органи на земјата на чија територија е сторено делото што се истражува.   Првично, идејата на Де Кро беше поддржана само од неколку земји членки на ЕУ, но таа сега добива на актуелност во контекст на планираните реформи на структурите на Унијата задолжени за борба против корупцијата. сп/са/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан