• четврток, 21 ноември 2024

Белгиските земјоделци го блокираа автопатот на југот на земјата

Белгиските земјоделци го блокираа автопатот на југот на земјата

Брисел, 28 јануари 2024 (МИА) - Белгиските земјоделци денеска блокираа автопат на југот на Белгија, приклучувајќи се на протестите на фармерите во Франција и Германија.

За време на таканаречената „операција полжав“, десетици трактори полека тргнаа кон автопатот, кој потоа беше блокиран. Автопатот за кој станува збор е јужно од градот Намир во Валонија, на југот на Белгија.

Претставник на локалната Федерација на млади фармери, која ја организираше блокадата, рече дека станало „невозможно да се заработи за пристојно живеење“.

„Повикуваме на реформа на земјоделската политика која ќе ја има предвид реалноста на терен“, рече тој и додаде дека ја осудува конкуренцијата на домашните производи со увозните производи, бидејќи тие не подлежат на исти стандарди.

Незадоволството на земјоделците беше изразено во повеќе европски земји, особено во Франција, каде земјоделците за утре најавија „опсада на Париз на неодредено време“.

Протести на земјоделците беа организирани во Германија, Полска, Романија и Холандија. паг/

Фото: Бета

 

 

 

Остани поврзан