• вторник, 30 јули 2024

Без усвојување уставни измени не може да се одблокира пристапот во ЕУ, вели Муртезани

Без усвојување уставни измени не може да се одблокира пристапот во ЕУ, вели Муртезани

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Без усвојување на уставните измени, нема да може да се одблокира пристапот на државава во ЕУ, изјави денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан дали го дели ставот на премиерот Христијан Мицкоски и на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за одложена примена на уставните измени.

– Мислам дека како што и амбасадорот на Европската делегација и сите амбасадори од нашите стратешки партнери на неколку наврати имаат посочено дека тоа е сериозен чекор, односно сериозна пречка пред нас која што ние треба да се нафатиме и залагаме да го решиме колку што е можно побрзо. Како што знаете, ние во предизборната кампања, зборувам сега како коалиција „Вреди“, сме нагласиле дека тоа е еден од клучните приоритети, а исто така ова е влезено и во Програмата на Владата како приоритет, рече Муртезани.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски неодамна изјави дека како држава подготвени сме да прифатиме уставни измени согласно Преговарачката рамка, но тие да стапат на сила кога земјава ќе влезе во ЕУ, обезбедувајќи на тој начин гаранција за нас како држава, дека нема да има дополнителни нови условувања од Бугарија на билатерална основа на нашиот пат кон Европската Унија. И премиерот Христијан Мицкоски кажа дека тоа е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и оти како народ сме направиле премногу отстапки во минатото. нд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан