• недела, 22 декември 2024

Бајден: Посветеноста на Америка кон Израел е „железна“

Бајден: Посветеноста на Америка кон Израел е „железна“

Вашингтон, 18 јули 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска на состанокот со израелскиот претседател Исак Херцог во Белата рече куќа дека посветеноста на САД кон Израел останува цврста.

„Нашето пријателство со Израел е нераскинливо. Посветеноста на Америка кон Израел е цврста, железна“, рече Бајден, додавајќи дека истото го кажал и вчера во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Бајден нагласи и дека САД се решени да обезбедат Иран никогаш да не се вооружа со нуклеарно оружје, објавија израелските медиуми.

Тој исто така рече дека неговата администрација имала влијание врз одлуката на Саудиска Арабија да го отвори својот воздушен простор за израелските авиони, но смета дека „треба да се направи уште многу“, алудирајќи на напорите за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.

Херцог му се заблагодари на Бајден во име на народот на Израел „за поддршката повеќе од половина век“.

„Некои непријатели мислат дека постојат разлики кои ја разнишаа нашата железна врска. Кога би знаеле како нашата безбедносна соработка порасна во изминатите години и дека достигна нови височини, не би мислеле така“, рече Херцог, кој денеска пристигна во Вашингтон

Белата куќа претходно најави дека Херцог ќе разговара и со американската потпретседателка Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен и други високи претставници. 

„Целта на дипломатската посета е да ги зајакне врските и партнерството меѓу САД и Израел и да ги покаже длабоките врски меѓу двете земји“, се наведува во соопштението од кабинетот на Херцог.

Тој утре ќе одржи говор пред американскиот Конгрес по повод 75-годишнината од основањето на Израел.

По посетата на Вашингтон, Херцог ќе замине за Њујорк на дводневни состаноци со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, властите на Њујорк и членовите на еврејската заедница.

Ова е втора посета на Херцог на САД откако стана претседател на Израел во 2021 година. паг/

Фото:ЕПА

Остани поврзан