• недела, 22 декември 2024

Бачовски: На крајот на годинава ќе имаме искористеност на ИПАРД еднаква на некои членки на ЕУ

Бачовски: На крајот на годинава ќе имаме искористеност на ИПАРД еднаква на некои членки на ЕУ

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Во овој момент со сигурност можам да кажам дека успеавме за многу краток период да ја вратиме репутацијата во однос на ИПАРД - од земја со исклучително ниско ниво на искористеност, на држава лидер во регионот. Денес, по 6,5 години, сме лидери во Западен Балкан, со најмногу склучени договори, повеќе од Албанија, Србија и Црна Гора заедно, со најголема апсорпција на средствата од понудениот буџет од ЕУ. Сигурен сум дека на крајот на 2024 година ќе имаме искористеност на програмата еднаква на некои  земји членки на ЕУ.

Ова го истакна денеска директорот на Платежната агенција Никица Бачовски кој учествуваше на панелот „Земјоделство и рамномерен регионален развој - ЕУ можности и перспективи“ што се одржува денеска во рамки на конференцијата „Година на европски можности“.

Според него, заинтерсираноста за ИПАРД 3 е огромна. На првиот повик објавен минатата година за двете предвидени мерки пристигнале над 1 160 апликации. Буџетот на повикот бил 30 милиони евра, а со апликациите се бараат три пати повеќе или 96 милиони евра. 

Бачовски очекува првите договори за финансиска поддршка од ИПАРД 3 да бидат склучени во вториот квартал од 2024-та.

-Со само еден јавен повик, заинтерсираноста е три пати поголема од она што е објавено. Ако Програмата треба да ја имплементираме до 2030 година, сигурен сум дека со оваа заинтересираност, на средината на програмскиот период ќе се обратиме до колегите од ЕУ и ќе речеме: „ги истрошивме сите средства“, истакна Бачовски.

Лидерското место во имплементирањето на ИПАРД покажува, оцени Бачовски, дека институционално земјава е подоготвена за брз влез во европското семејство.

-Огромен е растот на заинтересираноста и на подготвеноста на ИПАРД апликациите. При крајот на 2022 година си дадовме ветување дека ќе бидеме прва држава од сите кориснички која ќе почне со ипмлементација на ИПАРД 3. Во наше друштво се Турција, Албанија, Србија и Црна Гора. И така се случи. На 1 септември лани се обвјави првиот повик, за мерките 1 и 7, со што станавме прва земја корисник на ИПАРД 3. Но, први сме и по тоа што ИПАРД 3 како една од петте компоненти на ИПА, веќе почна со имплементација, а сите други ќе стартуваат годинава. Апликациите од ИПАРД 3 повикот се за инвестиции во трактори и земјоделска механизација, за системи за наводнување, нови насади, нови фарми или реконструкција на постоечките, за пчеларство,... За рурален туризам има 55 апликации - за инвестиции во сместувачки и угостителски капацитети, но има и за микро и мали бизниси - за нови хали, поставување фотоволтаици, најмодерни машини. Апликациите моментно се обработуваат. Сите што ќе бидат соодветни, ќе одат во фаза - контрола на терен и испитување на цените на пазарите по што, се надеваме во вториот квартал од 2024-та, ќе почне издавањето на првите решенија и договори за финансиска поддршка, напомена директорот.

Новитет, нагласи, особено за правните лица, е можноста за предфинансирање.

-Сите корисници за не повеќе од 60 дена по склучување на договорот, ќе може да дојдат со барање за авансна исплата до 50 отсто од кофинансираната сума. Ако инвестицијата е 100 000 евра, а следува поврат од 60 000 евра, може да се побара аванс до 30 000 евра што е 50 отсто од повратот, објасни Бачовски.

На панелот тој најави и дека наскоро ќе почнат прелиминарните состаноци со бизнисот за подготовка на новиот јавен повик за мерката 3 - инвестиции во нови преработувачки капацитети или реконструкција на постојните, инвестиции во опрема, обновливи избвори,...

Во оваа прилика, директорот на Платежната агенција потсети и дека се дава до 70 отсто поддршка за фотоволтаична централа за сопствени потеби. мч/аа/

фото: принт скрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан