• понеделник, 23 декември 2024

Батак за МИА: Инвестираме 7,5 милиони евра во обнова на пистата на Скопскиот аеродром

Батак за МИА: Инвестираме 7,5 милиони евра во обнова на пистата на Скопскиот аеродром
Скопје, 19 март 2022 (МИА) - Со инвестиција од 7,5 милиони евра ќе биде обновена пистата на Меѓународниот аеродром Скопје. И покрај кризата, влегуваме во оваа капитална инвестиција бидејќи таа уште повеќе ќе го подобри квалитетот на работењето и на услугите што ги нуди Меѓународниот Аеродром Скопје, истакнува во интервју за МИА Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија. Со оперативниот план што го изработиле, како што вели, рехабилитацијата на пистата ќе има минимално влијание врз летовите и патниците. Батак во интервјуто споделува информации и за претстојниот нов летен ред на летање што стапува во сила на 28-ми месецов, истиот ден кога стартуваат градежните активности за обновата на пистата. На авиокомпаниите и на другите чинители во авиосообраќајот им ја најавиле рехабилитацијата на пистата една цела сезона однапред, со цел тие да можат да планираат и да ги адаптираат распоредите на летање навреме. Од 28 март треба да стартува рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром. Ова се први активности за обнова на пистата откако го преземавте управувањето на аеродромот. Што опфаќа рехабилитацијата и какви активности се предвидени?  -Обновувањето на пистата, односно нејзината рехабилитација, е процес на градежни активности со кои се обновува горниот слој на асфалтот на полетно-слетната патека на авионите. Континуираниот физички контакт со авионите и изложеноста на различни временски прилики по одреден временски период доведуваат до трошење на секоја писта и се појавува потреба од нејзина санација. Тоа е стандардна активност на сите аеродроми во светот кои преземаат слични активности за реновирање на пистите. Последната реконструкција на пистата на скопскиот аеродром е направена во 1996 година кога санацијата се вршела на поголема длабочина на асфалтот. За разлика од тогаш, сегашните активности ќе опфатат само санација само на површинскиот слој. Кога го планиравме овој зафат, детално ги анализиравме најдобрите светски практики во овој сегмент и искуството од други аеродроми на ТАВ групацијата, како на пример во Грузија и донесовме најсоодветна одлука која е во интерес на сите засегнати страни.  Колку ќе трае зафатот и колку ќе чини? -По опсежните анализи, одлучивме градежните активности за санација на пистата да траат вкупно 50 дена, почнувајќи од 28 март до 16 мај и ќе чинат околу 7,5 милиони евра. За време на целиот овој период, градежните работи ќе се одвиваат од 9 часот наутро до 17 часот попладне секој ден, кога ќе се санира по еден дел од вкупната должина на пистата која изнесува 2.950 метри. За тоа време нема да има полетувања и слетувања на авиони. Во останатиот период од денот, односно од 17 часот попладне до 9 часот наутро следниот ден, аеродромот ќе биде оперативен и летовите ќе се опслужуваат нормално. Одлучивме градежните работи да се изведуваат само во една половина од денот за да нема потреба од целосно затворање на аеродромот. Можевме да ја завршиме рехабилитацијата и за пократок период од 50 дена, но тоа ќе значеше затворање на аеродромот и целосен прекин на авиосообраќајот. А тоа не сакавме да го направиме. Дали активностите ќе се одразат на одвивањето на авиосообраќајот, на процедурите за патниците, што треба тие да знаат за овој процес?  -Со оперативниот план што го изработивме, рехабилитацијата на пистата ќе има минимално влијание врз летовите и патниците. Најважно е јавноста да знае дека скопскиот аеродром нема да биде затворен во периодот на рехабилитација на пистата, туку ќе биде отворен за патниците 24/7. Единствено нема да има полетувања и слетувања на авионите од 9 часот до 17 часот, но сите останати сегменти кои се дел од Меѓународниот аеродром Скопје ќе работат без прекин. Нашите шалтери за пријавување ќе вршат проверка на патниците и багажот, нашите копнени услуги ќе се подготват да ги прифатат летовите, нашите транспортни сегменти ќе го товарат и растовараат багажот од авионите итн. Зградата на терминалот, заедно со сите ресторани, продавници и придружните објекти ќе работат според распоредот на летови од 17 до 9 часот за да ги опслужуваат нашите патници. Сѐ уште важи препораката патниците да пристигнуваат на аеродромот 3-4 часа пред закажаното време за лет, со цел да имаат доволно време да ги завршат неопходните процедури за патување. Покрај рехабилитација на пистата што друго може да очекуваме како инвестиција во аеродромите, пред кризата најавувате проширување на терминалите, дополнителни шалтери... -Рехабилитацијата на пистата  е комплексен проект кој бара многу анализирање и оперативно планирање и во моментов целосно сме посветени на неговата реализација. И покрај кризата, ние влегуваме во оваа капитална инвестиција бидејќи таа уште повеќе ќе го подобри квалитетот на работењето и на услугите што ги нуди Меѓународниот Аеродром Скопје. Рехабилитацијата на пистата не е првата инвестиција во кризата, бидејќи за цел период на Ковид-19 криза ТАВ Македонија постојано вложуваше во различни мерки на скопскиот и охридскиот аеродром со цел да ги зголемиме и унапредиме мерките за безбедност и здравје на нашите патници и на вработените. Инвестиравме во имплементација на нов протокол за управување со аеродромите во време на пандемија, инвестиравме во подетални и позачестени мерки во терминалните згради на двата аеродрома, инвестиравме во обезбедување поголем број на персонал за успешно да ги следиме новите правила за патување и сл. А најмногу од сѐ, инвестиравме во натамошна дигитализација на процесите што е клучно за идниот развој на секој аеродром. Рехабилитацијата ја стартувате во речиси ист период од стапувањето во сила на  летниот ред на летање. Што ќе донесе новиот распоред на летање за патниците?  -Да, летниот распоред на летање почнува од 28-ми март и истиот ден ќе почнат и градежните работи за рехабилитација на пистата. На авиокомпаниите и на другите чинители во авиосообраќајот им ја најавивме рехабилитацијата на пистата една цела сезона однапред, со цел тие да можат да планираат и да ги адаптираат распоредите на летање навреме. Моментално, летниот распоред на летање од Меѓународниот Аеродром Скопје има 35 дестинации. Сите дестинации што ги имавме лани ќе продолжат, освен Москва, Санкт-Петербург и Киев. Иако како авиолинии беа пуштени за прв пат во ковид-кризата, во 2020 и 2021 година, во моментов овие три линии не се оперативни. Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути кои ги имавме пред ковид-пандемијата, но во текот на зимската сезона се’ уште не беа вратени. Друга авиолинија за која се надеваме дека ќе се врати, по завршувањето на рехабилитацијата на пистата, е Варшава, со полската авиокомпанија ЛОТ, која исто како и авиолинијата до Истанбул, се користеше од нашите патници како конекција за патувања до САД. Најавена е и нова авиолинија за директно поврзување на Скопје и Софија. Дефинирани ли се работите за нејзин старт и какви се проценките за нејзина одржливост? Може ли да очекуваме и други нови линии? -За жал, последиците од Ковид-19 кризата сѐ уште се чувствуваат глобално и потребни се уште најмалку две-три години за закрепнување на авиосообраќајот на светско ниво. Новина во летниот ред на летање е авиолинијата Скопје-Софија која веруваме дека ќе им даде уште поголем поттик на туризмот и економијата во земјава. Секоја авиокомпанија пред воведувањето на некоја линија прави детални анализи и проценки за нејзината одржливост, трошоците и приходите, така што верувам дека и во овој случај тоа не е исклучок. На здравствената криза се надоврза енергетската, војната во Украина... Во вакви околности какви се вашите очекувања за состојбите во авиосообраќајот во наредниот период? -Изминатите две години беа и се навистина предизвикувачки за авиосекторот. Почна со ковид-кризата, продолжува со глобалните политички и економски случувања. Сето ова влијае врз сите бизнис-сектори, вклучувајќи го и авиосообраќајот, така што брзите прилагодувања на секоја новонастаната ситуација се неопходни и се покажаа како клучни во целиот овој период. Постојат бројни предизвици со кои ТАВ Мaкедoнија успешно се носи, секогаш организирајќи ги процесите и условите за работа според највисоките глобални авијациски стандарди, за што доказ се и меѓународните признанија што ги добиваме. Колку патници и летови се опслужени од почетокот на годинава и што покажуваат во однос на бројките во изминатите две години?  Во првите два месеца од годинава, ТАВ Македонија бележи вкупно 215.227 патници на двата аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Тоа е пад од 29 проценти на вкупниот број патници споредено со бројките за јануари и февруари во 2019, како референтна година. Во однос на 2021 година, бројот на патници во првите два месеци оваа година е зголемен за 107 проценти. Бројот на летови пак, на двата аеродрома во првите два месеци годинава е 1.900 летови, што е 46 проценти повеќе во однос на истиот период лани, но е за 26% помалку во однос на 2019 година.” Веруваме дека позитивниот тренд на авионски патувања, поддржан од моменталниот процес на кревање на сложените ковид-рестрикции за патување наметнати од различните држави, ќе продолжи и во следниот период. Лидија Велковска

Остани поврзан