Балкански Самит на Алумни: Млади лидери во фокусот на регионалната соработка
- Во Скопје денеска започна Балканскиот Самит на Алумни под мотото „Обезбедување на регионалното партнерство преку водство од следната генерација“ во организација на Македонско-Американската Алумни Асоцијација (МААА). Настанот, поддржан од Амбасадата на САД ќе трае до 29 мај и има цел да ја поттикне активната улога на младите лидери од регионот во унапредување на демократските вредности, стабилноста и соработката.
Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - Во Скопје денеска започна Балканскиот Самит на Алумни под мотото „Обезбедување на регионалното партнерство преку водство од следната генерација“ во организација на Македонско-Американската Алумни Асоцијација (МААА). Настанот, поддржан од Амбасадата на САД ќе трае до 29 мај и има цел да ја поттикне активната улога на младите лидери од регионот во унапредување на демократските вредности, стабилноста и соработката.
Претседателката на МААА, Зорица Трајкова Стрезовска, истакна дека самитот ја отсликува мисијата на асоцијацијата.
-Овој самит ја претставува суштината на нашата мисија, јакнење на соработката, градење мостови, негување лидерство и трајни промени. Целта не е само да се зајакне врската со САД и Северна Македонија, туку да се продлабочат и прошират врските на целиот Балкан, рече Трајкова Стрезовска.
Додаде дека централна тема на Самитот е како да се претвори предизвикот на одлив на мозоци во добивка со тоа што ќе се охрабрат младите лидери и алумни да бидат двигатели на промени.
-Ќе зборуваме за нашиот пат кон евроатлантската интеграција и регионалното партнерство заради поддршкан а трговијата, инвестициите, безбедноста и просперитетот, дополни претседателката на МААА.
Заменик амбасадорката на САД, Никол Варнес, им посака успешна работа на учесниците и потсети дека годинава се одбележуваат 25 години од основањето на МААА и 30 години дипломатски односи меѓу САД и Северна Македонија.
-Овие годишнини нѐ потсетуваат на растојанието што го поминавме и на ветувањето што стои пред нас. Меѓутоа, има работи кои што се многу поважни од тоа, тоа се луѓето кои што даваат смисла на сето тоа, во училниците, во коморите, во старт-ап компаниите, во просториите на граѓанското општество среќавам луѓе како вас кои што имаат поттик и се посветени на заедницата, тоа е духот и на овој Самит, рече таа.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја истакна важноста на регионалната соработка и посочи дека денеска, како што рече „се обединуваме не само географски, туку и преку уверувањето дека соработката не е луксуз, туку неопходност“.
-Живееме во време кога најголемите предизвици со кои што се соочуваме се длабоко меѓусебно поврзани и не можат да се решат во изолација, меѓутоа, истото важи и за нашиот најголем капитал. Талентот не запира на границите, ниту иновациите, ниту амбицијата на младите луѓе. Обезбедувањето просперитет денеска не е само заради јакнење на економиите, туку, заради јакнење силни мрежи на доверба, соработка и лидерство во регионот, рече Гаши.
По воведните обраќања, следува панел-дискусија со учество на Малинка Ристевска Јорданова, членка на Советот за безбедност, Ментор Врајоли, извршен директор на Косовскиот центар за безбедносни студии, Викторија Трајков, заменик министерка за европски прашања и Фатмир Бесими, поранешен министер за финансии.ар/лв/
Фото:МИА