• петок, 27 декември 2024

Баерн и Нојер пред разделба

Баерн и Нојер пред разделба
Минхен, 14 април 2020 (МИА) - Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер се чини дека е пред разделба со клубот, откако позициите на двете страни за можен нов договор за германскиот репрезентативец се премногу различни, пренесува „Кикер“. Нојер игра за Баварците од 2011 година, но неговиот тековен договор со екипата истекува во јуни 2021 година и во тек се преговори за нов договор. Според весникот „Билд“, 34-годишниот Нојер бара годишна плата од 20 милиони евра, како и договор до 2025 година, додека раководството на клубот му нуди помала плата и договор до 2023 година, кога тој ќе има 37 години. Според „Кикер“, Нојер бил особено разочаран од фактот, што детали за разговорите меѓу двете страни излегоа во печатот и се сомневаа дека се работи за човек од клубот. Како резултат, позицијата и на Нојер и на клубот се зацврсти и засега новиот договор изгледа малку веројатен. Екипите на Манчестер Сити и Челзи кои бараат нов голман и го сметаат Нојер за одлична опција би можеле да имаат корист од ситуацијата. „Кикер“ тврди дека ќе поминат неколку месеци пред Баерн и голманот да ја донесат конечната одлука. Нојер има 191 „суви мрежи“ на 373 натпревари за Баерн Минхен во последните девет години и имаше голем придонес за светската титула на Германија во Бразил во 2014 година. Тој има вкупно 92 натпревари за Бундестимот.

Тагови

Остани поврзан