• вторник, 08 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Багаи: За Иран новите американски санкции се „пример за непријателство“ од страна на Вашингтон

Багаи: За Иран новите американски санкции се „пример за непријателство“ од страна на Вашингтон

Техеран, 26 февруари 2025 (МИА) - Новите американски санкции против иранскиот нафтен сектор, што беа објавени во понеделникот, се „пример за непријателство“ од страна на САД, соопшти официјален Техеран

Француските медиуми потсетуваат дека за време на својот прв мандат од 2017 фо 2021 година, американскиот претседател Доналд Трамп ја наметна својата политика на „максимален притисок“ врз Иран, повторно воведувајќи санкции врз оваа економски осиромашена земја и изолирајќи ја од меѓународната сцена.

Откако се врати на власт во јануари, Трамп рече дека ги поддржува разговорите со Иран за регулирање на неговата нуклеарна програма, но повторно ги заостри санкциите против земјата.

Вашингтон пред два дена објави нови мерки против поединци, компании и бродови за кои се верува дека ги заобиколуваат санкциите наметнати за извозот на иранска нафта.

-Ова е пример за непријателство од страна на американската влада кон благосостојбата и развојот на иранскиот народ, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи.

Претходно овој месец, Трамп рече дека сака да постигне договор со Иран за неговата нуклеарна програма.

„Тоа ќе му овозможи на Иран (економски) развој и мирен просперитет“, додаде американскиот претседател на својата социјална мрежа „Truth Social“.

-Воведувањето санкции против иранската држава е најголемиот доказ за тоа колку се лажни овие зборови, рече иранскиот портпарол, без да направи директна врска со изјавата на Трамп.

Санкциите објавени во понеделникот од страна на американската влада се втори за помалку од еден месец што влијаат на иранскиот нафтен сектор.

Иран се потпира на мрежа на танкери за превоз на нафта што ги заобиколуваат западните санкции и му дозволуваат да продолжи да ја продава својата нафта, нејзиниот клучен извор на приход.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера отфрли какви било директни разговори со САД за иранската нуклеарна програма во сегашниот контекст на „максимален притисок“ од Доналд Трамп.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан