• вторник, 26 ноември 2024

Ахмад го осуди упадот на израелската полиција во џамијата Ал Акса

Ахмад го осуди упадот на израелската полиција во џамијата Ал Акса

Лондон, 5 април 2023 (МИА) – Британскиот државен секретар за Блиски Исток, Северна Африка, Јужна Азија и ОН, Тарик Ахмад денеска го осуди упадот на израелските сили во џамијата Ал Акса.

Тој на Твитер објави дека е шокиран од вознемирувачките фотографии како израелските безбедносни сили упаднале во џамијата Ал Акса за време на Рамазан.

- Насилството само поттикнува повеќе насилство. Светоста и статусот на светите места мора да се почитуваат и штитат, посочи Ахмад и повика на итна деескалација на тензиите.

Израелската полиција денеска соопшти дека привела повеќе од 200 Палестинци во комплексот Ал Акса. При упадот на полицијата во џамијата имало над 400 мажи, жени и деца. Според очевидците израелската полиција употребила прекумерна сила, вклучително и солзавец.

Израелската полиција тврди дека упадот во Ал Акса уследил откако неколкумина млади Палестинци го прекршиле законот и внеле пиротехника, стапови и камења и се забарикадирале во џамијата. Полицијата соопшти дека младите извикувале насилни слогани и ги заклучиле влезните врати.

Во инцидентот повреден е еден израелски полицаец.

По упадот во џамијата Ал Акса, палестинските милитанти одговорија со ракети од Газа врз јужен Израел, активирајќи ги сирените за воздушни напади во регионот додека жителите се подготвуваат за почетокот на еднонеделниот празник Пасха.

Израелската војска соопшти дека биле истрелани вкупно пет ракети и сите биле пресретнати. Неколку часа подоцна, Израел одговори со воздушни напади за кои армијата наведе дека се погодени објекти за складирање и производство на оружје на Хамас.

Палестинските милитантни групи Хамас и Исламски џихад, исто така, ги повикаа Палестинците од Ерусалим, Западниот Брег и Израел да се соберат околу џамијата Ал Акса и да се спротивстават на израелските сили.

На окупираниот Западен Брег, палестинското раководство го осуди нападот врз верниците. Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рудеине, го предупреди Израел дека таквиот потег „ги надминува сите црвени линии и ќе доведе до голема експлозија“.

Владата на Јордан, која служи како чувар на џамијата, најостро го осуди израелскиот напад предупредувајќи „на последиците од оваа опасна ескалација и го смета Израел одговорен за безбедноста на благословената џамија Ал Акса“.

Најмалку 88 Палестинци годинава се убиени од израелски оган, а 15 луѓе загинаа во палестинските напади врз Израелците. ми/

Остани поврзан