Африканските лидери апелираат на прекин на огнот во ДР Конго
- На вчерашниот Самит во градот Дар ес Салам, Танзанија, земјите од Источна и Јужна Африка се согласија да бараат политичко решение преку разговори со сите страни инволвирани во конфликтот во ДР Конго
![Африканските лидери апелираат на прекин на огнот во ДР Конго](https://mia.mk/images/20250209101425_big_730x400_44.webp )
Додома, 9 февруари 2025 (МИА) – Африканските лидери повикаа на итен прекин на огнот и преговори за ставање крај на судирите во источниот дел на Демократска Република Конго.
На вчерашниот Самит во градот Дар ес Салам, Танзанија, земјите од Источна и Јужна Африка се согласија да бараат политичко решение преку разговори со сите страни инволвирани во конфликтот во ДР Конго.
Претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, кој преку интернет учествуваше на Самитот, сè уште не ја коментирал завршната декларација. Тој претходно одби да преговара со бунтовничкото Движење М23, кое минатиот месец ја презеде контролата врз Гома, град со околу два милиони жители, кој е клучен центар за безбедносни и хуманитарни активности.
М23 поддржано од Руанда контролира големи делови од провинцијата Северен Киву, богата со ресурси, но го напаѓа и градовите во Јужен Киву.
Според процените на ОН, по ескалацијата на судирите во источниот дел на ДР Конго, речиси 3.000 луѓе загинале, а стотици илјади се раселени од почетокот на годината.
ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.
Движењето 23 март е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници. ми/
фото: ЕПА