• петок, 22 ноември 2024

Архиепископот Стефан во манастирот во Матка ќе чиноначалствува со литургијата по повод Голема Богородица

Архиепископот Стефан во манастирот во Матка ќе чиноначалствува со литургијата по повод Голема Богородица
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица во народот познат како Голема Богородица. Бројни верници и граѓани на овој ден се упатуваат во манастирите и црквите да се помолат пред Мајката Божја. Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија, г.г. Стефан по повод празникот ќе чиноначалствува со Светата божествена литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, крај Скопје. Литургијата започнува во 8:30 часот. - Возљубени во Христа, Ве покануваме на Богослужбите во чест на Успението на Пресвета Богородица. Ќе ни биде драго заедно со Вас, да и укажеме почит и благодарност на нашата Мајка и заштитничка Пресвета Богородица, која вистински не закрилува нас сите и заеднички достојно да го прославиме Нејзиното Успение, е пораката што ја упати сестринството од Манастирот. Во дворот на манастирот традиционално на овој ден се одржува крводарителска акција. Сестринството упатува апел до граѓаните и верниците, кои за време на празничните денови во голем број доаѓаат во манастирот, да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид -19: да се одржува физичко растојание од 1.5 метар или задолжително да се носи маска, да се врши дезинфекција на рацете при влез и за време на престојот во манастирот. ев/сп/ МИА Фото: Архива 

Остани поврзан