• петок, 22 ноември 2024

Арсовски: Владата изминатите пет години ја врати слободата во општеството и вербата во институциите

Арсовски: Владата изминатите пет години ја врати слободата во општеството и вербата во институциите
Скопје, 20 април 2022 (МИА) - Во изминатите пет години Владата успеа да ја врати слободата во општеството, вербата во институциите и да ја зајакне меѓусебната граѓанска почит, изјави на денешната прес-конфереција владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање за најновиот извештај на „Фридом хаус“ за напредокот на нашата држава. - Република Северна Македонија продолжува да гради слободно и демократско општество, во кое на прво место се почитувањето и заштитата на правата на секој граѓанин, додаде Арсовски.  Тој нагласи дека овој Извештај се однесува на подолг период, односно опфаќа и дел од периодот пред 2017 година, пред формирањето на Владата предводена од СДСМ, кога, како што рече, сите бевме сведоци дека имавме сериозни назадувања во политичките процеси, предавањето на власта и во справувањето со корупцијата. Арсовски посочи на подобрениот рејтинг на владеењето, кој според Извештајот е бележи раст. - Дополнително Република Северна Македонија е посочена како земја која го има задржано либерално демократскиот развој во 2021. Остануваме на целта за постигнување подобри резултати и обезбедување на општество во кое се почитуваат граѓанските вредности, права и слободи, нагласи Арсовски. Невладината организација „Фридом Хаус“ објави извештај за состојбата со демократијата во 29 земји во транзиција насловен „Земји во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“. - Оваа година, првпат во 21. век, форма на управување што преовладува во регионот на нации во транзиција е хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако непрекинатиот период на демократски пад започна во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија, се вели во извештајот, пренесува Гласот на Америка. На скалата од еден до седум, каде еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко, Република Северна Македонија е рангирана со оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,25 за изборен процес, 5,25 за граѓанско општество, 3,25 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, додека 3,00 за корупција. Генералната оценка за демократски прогрес изнесува 3,82 или 47 проценти. Одговрајќи на новинарско прашање, Арсовски рече дека по информациите за олеснувања на мерките за заштита против Ковид-19 многу брзо и прес-конференциите и другите настани во Владата ќе бидат организирани со физичко присуство. Се уште останува можноста да се следат онлајн прес-конференциите преку платформата „ЗУМ“.  мд/сп/

Остани поврзан