Арсовска: Надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските инспектори и Државниот градежен инспекторат
- Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска преку објава на социјалните мрежи му одговори на премиерот Христијан Мицкоски. Таа посочува дека надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските градежни инспектори и Државниот градежен инспекторат.
Скопје, 22 мај 2025 (МИА) - Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска преку објава на социјалните мрежи му одговори на премиерот Христијан Мицкоски. Таа посочува дека надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските градежни инспектори и Државниот градежен инспекторат.
- Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по ЗАКОН. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир, надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски. Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи. Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш, вели Арсовска во објава на Фејсбук.
Премиерот Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека градоначалничката на Град Скопје има ингеренции и и ако мисли дека е така, треба да постапува.
- Таа има ингеренции и ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика, народот нема фајда, рече Мицкоски.
Градоначалничката на Скопје вчера преку пренос во живо на социјалните мрежи информираше дека на државно земјиште во општина Чаир се гради дивоградба и ги повика надлежните институции да реагираат. бак/aa/
Фото: Град Скопје