• среда, 24 април 2024

АРНО: Доделени награди за нови идеи за младински социјални претпријатија

АРНО: Доделени награди за нови идеи за младински социјални претпријатија

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Асоцијација за развој на нови опции (АРНО) вчера организираше прогласување на победничките идеи од третата генерација на млади од проектот RISE (Регионален инкубатор за социјални претприемачи), кое се одржа во Центарот за социјални претпријатија во Скопје, известуваат од АРНО.

Експертската жири-комисија, како најуспешни идеите, ги избра „Ребел“-производство на играчки, сувенири и мебел добиени од кабаст отпад и „Coffee mates“-иницијатива за собирање отпад од кафе за производство на органско ѓубриво и прототипирање на рамки за очила.

Од АРНО посочуваат дека и во ова издание на програмата, тимовите добиваат финансии во износ од 2500 евра и поддршка (менторство, обуки, настани за вмрежување) за развој на нивните идеи во втората фаза на инкубација. Победничките тимови ќе добијат и поддршка од студиото за графички дизајн „Контура“ кое за двете социјални претпријатија доделува пакет на брендинг услуги.

-Честитки за сите. Имаме три RISE генерации на млади од нашата земја кои сакаат преку бизнис да решат проблем во нашето општество. Во времето во кое живееме, благодарни сме на овие шест тима од генерацијата 2022/2023 кои покажуваат дека младите не се апатични, и дека социјалното претприемништво има иднина. Тука сме сите да помогнеме. И ментори, и колеги, и институции, и приватен сектор. Апелираме до сите за соработка. Овие два тима допрва ги чека работа во инкубациската фаза, а другите се надеваме ќе продолжат во рамки на други програми кои ги спроведува АРНО и други колеги, изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО.

Од асоцијацијата соопштуваат дека на завршниот настан се обратиле и донаторите на проектот.

-Ирене Кетоф од Француската амбасада ги поздрави младите и ги охрабри да продолжат да бидат активни граѓани и да придонесуваат и кон зелената агенда и кон инклузијата. Во име на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) честитки за проектот и победниците упати Владимир Ѓорѓевски-директор на локалната канцеларија, кој ја претстави улогата на РИКО и упати апел до младите да ги користат сите поддршки кои им се пружаат, известуваат од АРНО.

Тие соопштуваат дека изборот на најдобри идеи го правело независното експертско жири составено од Ратка Пемова-Ептиса проект „Поддршка на социјалните претпријатија“, Игор Маџов – претседател на Стартап Македонија и директор на инвестиции во Нест Груп, Александар Костадинов – РИКО/локална канцеларија, Ленче Деспотовска – студио за графички дизајн „Контура“, Петрус Теунис-меѓународен експерт за развој на граѓанскиот сектор. Третата RISE генерација на млади социјални претприемачи доби поддршка од менторите: Катерина Златановска Поповска, Наталија Бургиева, Сања Манчева, Љубомир Трајковски, Александра Лопарска Илоска и Софија Дацева.

-Во овогодишното издание учествуваа седум тимови со 21 член од Скопје, Неготино, Македонски Брод, Градско, Прилеп и Кичево, од кои шест тимови презентираа пред жирито (Active Workplace, Coffee Mates, Grasp, Medical Musroom Garden, Natural Revolution, Rebel), информираат од АРНО.

Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус плус програмата. ир/дма/

Остани поврзан