• недела, 22 декември 2024

Арапски самит во Алжир во услови на регионални тензии

Арапски самит во Алжир во услови на регионални тензии
Алжир, 2 ноември 2022 (МИА) - Самитот на арапските лидери, прв за три години, вчера почна во Алжир во позадина на поделбите околу конфликтите во регионот, особено Сирија и Либија, како и приближувањето на одредени држави со Израел, јавија дел од светските медиуми. Станува збор за прв состанок на ова ниво на Арапската лига, што обединува 22 земји, по состанокот во март 2019 година во Тунис, пред пандемијата на Ковид-19. Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун, отварајќи го самитот, изјави дека тој „се одржува во регионален и меѓународен контекст обележан од растечките тензии и кризите, особено во арапскиот свет каде во неговата модерна историја не познаваше толку тешко време“. Од самитот во Тунис, неколку членки на Арапската лига, што историски ја ставаа поддршката за палестинската кауза и осудата на Израел на врвот на нивната агенда, направија спектакуларно зближување со еврејската држава, каде парламентарните избори одржани вчера може да го вратат Бенјамин Нетанјаху на власт на чело на коалицијата со екстремната десница. Обединетите Арапски Емирати ги нормализираа односите со Израел во 2020 година со низа таканаречени „Абрахамски договори“, со посредување на Вашингтон. Бахреин, Мароко и Судан го следеа примерот. Ова приближување е уште позначајно во контекст на самитот, затоа што неговиот алжирски домаќин жестоко ги поддржува Палестинците. Алжир во средината на октомври спонзорираше договор за помирување меѓу ривалските палестински фракции, иако шансите тоа да се случи, се чинат мали. Безбедносната соработка што соседниот Мароко ја воспостави со Израел по нормализацијата на нивните односи, ги влоши тензиите меѓу двајцата браќа и непријателите во Магреб, веќе високи поради длабоките несогласувања околу Западна Сахара, што доведе до распаѓање на нивните дипломатски односи во август 2021 година на иницијатива на Алжир. Без да го спомне експлицитното приближување, Тебун потврди дека „арапскиот мировен план“ од 2002 година, што условува каква било нормализација со Израел со повлекување од арапските територии окупирани од 1967 година, е единствениот начин да се „постигне праведен и сеопфатен мир“. Осудувајќи ги израелските „злосторства“ против палестинскиот народ, тој повика на заедничка арапска дипоматска акција за организирање „вонреден состанок на Генералното собрание на ОН со цел Палестина да се прими како полноправна членка“ во рамките на меѓународната организација. Алжир применува сè поофанзивна дипломатија откако претседателот Тебун дојде на власт кон крајот на 2019 година, по долгогодишна неподвижност под неговиот претходник, Абделазиз Бутефлика. Доколку израелско-палестинскиот конфликт и ситуацијата во Сирија, Либија и во Јемен навистина се најдат на дневниот ред, учесниците на алжирскиот самит ќе мора да се впуштат во вистински дипломатски акробации во формулирањето на завршната декларација - се усвојува едногласно, со цел да се избегне навреда или тежок удар за нивната организација. Лидерите мора да најдат компромисни формули како да го спомнат „мешањето“ на Турција и Иран во арапските прашања. Некои членки бараат Анкара и Техеран да се спомнат по име, додека други се противат на тоа. Алжир го означи овој 31. самит на Арапската лига како „соединување“, но, неколку земји, особено од Заливот, таму не беа претставени од нивните шефови на држави. Така саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, де факто владетел на кралството, не замина во Алжир, официјално поради здравствен проблем. Отсуствуваат и лидерите на Мароко, Емиратите и Бахреин. На Самитот се катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал-Тани, палестинскиот претседател Махмуд Абас и неговите туниски колеги Каис Саид и Египќанецот Абдел Фатах ал-Сиси. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш исто така е таму, како почесен гостин на Самитот. Додека неколку земји во регионот економски страдаат од војната што ја води Русија во Украина, рускиот претседател Владимир Путин испрати писмо до арапскиот самит. Тој во пораката потврдува дека Русија е „одлучна да развива соработка со Арапската лига ... со цел да се зголеми безбедноста на регионално и на глобално ниво“. бд/

Остани поврзан