Апел до охриѓани за почитување на обврските за одржување и чистење на оџаците
- Законските обврски за редовно чистење на оџаците во индивидуални и колективни станбени објекти беше темата на дискусија на денешниот состанок одржан во Општина Охрид.
Охрид, 8 октомври 2025 (МИА) - Законските обврски за редовно чистење на оџаците во индивидуални и колективни станбени објекти беше темата на дискусија на денешниот состанок одржан во Општина Охрид.
На состанокот присуствуваа претставници на субјектите инволвирани во односната проблематика, меѓу кои претставници на Одделението за животна средина при Општина Охрид, Одделението за безбедност и здравје при работа, општинскиот инспекторат, како и претставници на Територијалната противпожарната единица и на Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид, заедно со претставници на агенциите кои управуваат со станбени згради и претставници на месните и урбаните заедници.
Присутните разговараа за значењето на редовното чистење на оџаците како законска обврска, но и како клучна мерка за заштита на животната средина преку спречување на дополнително загадување на воздухот. Дополнително, беше истакната и важноста на оваа активност како превентивна мерка за заштита од пожари, особено во зимскиот период кога ризикот од настанување на пожари поради неисчистени оџаци е значително зголемен, информираат од Општина Охрид.
Воедно од Општината упатуваат повик до сите граѓани и управувачи на станбени објекти да постапат согласно законските обврски и навремено да преземат мерки за чистење на оџаците, со цел зголемување на безбедноста и заштита на животната средина. аб/дма/
Фото: Општина Охрид