• петок, 22 ноември 2024

Апел до граѓаните од Општински кризен штаб Крива Паланка за рационално користење на водата за пиење

Апел до граѓаните од Општински кризен штаб Крива Паланка за рационално користење на водата за пиење

Крива Паланка, 1 август 2024 (МИА) - Граѓаните на Општина Крива Паланка рационално да ја користат водата за пиење, е еден од заклучоците од денешниот состанок на општинскиот кризен штаб на Крива Паланка. Исто така, беа усвоени и препораките граѓаните во претстојниот период да се воздржат од користење на излетничките места и палење оган на отворено поради избегнување пожари, како и доследно почитување на одлуката за забрана за движење во шума.

Исто така и од Јавното претпријатие „Комуналец", Крива Паланка што стопанисува со водата за пиење во градот, денеска упатија апел до сите корисници, во овој топол временски период да бидат внимателни со користење на водата од градскиот водовод.

-Апелираме сите корисници да покажат хуманост и рационалност во насока на користење на водата за пиење. Заради наведеното, се препорачува да не се изведуваат следните активности: перење моторни возила, теписи и слично, полнење бунари и базени за рекреативни цели и други дејствија поврзани со трошење на вода за пиење за други намени и исто така да избегнуваат наводнување на земјоделските површини, велат од ЈП „Комуналец", Крива Паланка.

Од претпријатието се надеваат на искрена соработка и покажување хуманост од страна на граѓаните, со цел рационално користење на водата за пиење.
Во Кратово пак, од денеска „Силком" ДООЕЛ Кратово најави воведување на одредени рестрикции.

-Од денеска, 1 август 2024, почна привремен прекин во водоснабдувањето во селските населби од регион шест, сите села, почнувајќи од Железница, Коњух, Страцин. Причината е недостиг на вода во системот за водоснабдување поради топлото и суво време во овој период од годината во нашата земја, посочуваат од „Силком".ид/бт/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан