• четврток, 20 февруари 2025

Апаратот за компјутерска томографија во струмичката болница не работи една година,препукувања околу набавување нов

Апаратот за компјутерска томографија во струмичката болница не работи една година,препукувања околу набавување нов

Струмица, 19 февруари 2025 (МИА)-Околу 150 илјади здравствени осигуреници кои ги користат услугите на струмичката болница една година се принудени да прават компјутерска томографија во други градови. Од февруари минатата година апаратот не работи, а неговата поправка била неисплатлива и е одлучено да се набави нов.

Нефункционирањето на апарат за компјутерска томографија вчера стана тема за препукување меѓу градоначалникот Костадин Костадинов и раководството на ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Во објавата на неговиот фејсбук профил, струмичкиот градоначалник постави прашање до власта, во кое како што вели „пред да го смените државниот грб и химната и пред министерот за здравство да навлезе во решавање на етничките прашања, да ве прашам-кога планирате да го поправите апаратот за компјутерска томографија во Струмица?“.

-Девет месеци откако сте на власт не работи апаратот за компјутерска томографија во струмичката болница. Девет месеци струмичани секојдневно се принудени да патуваат до Гевгелија или Штип за да направат дијагностички преглед на КТ скен. Колеги функционери и пратеници што земате помеѓу 2,5 и 6 милиони денари за патни трошоци, за овие луѓе што секој ден патуваат стотици километри за услуга која вие треба да им ја обезбедите во нивниот град, кој ќе им ги плати нивните трошоци?, прашува Костадинов.

Додава дека секој ден власта се фали дека троши по неколку милиони на сокаци, чешми и огради, ама на никој не му текнало да дојде и да го поправи КТ скенот во струмичката болница.

-Еве еден предлог-откажете едно патување во бизнис класа и поправете ја комјутерската томографија во струмичката болница, напиша струмичкиот градоначалник.

На објавата на Костадинов реагираше Стручниот колегиум на струмичката болница. Во реакцијата, објавена на нивната фејсбук страница, се наведува дека како одговорна, посветена и професионална институција ЈЗУ „Општа Болница Струмица“ чувствува неопходна потреба да искаже отфрлување и резигнираност кон одредени паушални ставови на поединци, како и загриженост за прифаќањето на ваквите лаги на одредени политички партии и локални политичари.

-КТ апаратот во ЈЗУ „Општа Болница Струмица“ не работи од февруари 2024 година, а од како е назначена новата раководна структура, со целиот интегритет на стручниот колегиум, се донесе став дека на нашата болница, кон која гравитираат околу 150.000 осигуреници, е неопходно да се обезбеди оваа дијагностичка алатка. Се направи комплетна евалуација и се потврди дека репарацијата на постоечкиот дефектен апарат кој е набавен 2012 година (стар 13 години) е комплетно неисплатливо и неоправдана и се направи чекор кон обезбедување на средства за набавка на нов КТ апарат. Стручниот колегиум и управата на Болницата издејствуваа комплетна финансиска подршка, благодарение на дослухот од ФЗОМ за набавка на нов КТ, а со цел непречена здравствена заштита на нашите пациенти. Проектот за набавка на оваа алатка благодарение на ФЗОМ и Владата на РМ е во процедура, се наведува во реакцијата на Стручниот колегиум на струмичката болница.

Инаку, лани во јули, при посетата на струмичката болница, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најави брзо решение на овој проблем со одговор дека набавката на нова опрема не е јасно поделена меѓу Министерството за здравство и ФЗО.

-ФЗОМ е задолжен за одржувањето, меѓутоа во основното финансирање може да обезбеди и поддршка. Една од темите на разговор сега ни беше дали е логично дали и понатаму да поправаме апарат кој 12 години е во функција со двапати поголема искористеност од техничките карактеристики на апаратот или е време да се набави нов, како тоа ќе влијае на осигурениците во Југоисточниот регион бидејќи тој опслужува поголемо подрачје, така што мислам дека ќе најдеме брзо решение за тоа, рече тогаш Клековски.рт/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан