• петок, 05 декември 2025

Антонио Кошта на средби со регионални и бизнис лидери во Барселона  

Антонио Кошта на средби со регионални и бизнис лидери во Барселона  

Брисел, 5 мај 2025 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска и утре ќе престојува во посета на шпанскиот град Барселона, каде ќе има средби со регионалните политички лидери и претставници на индустриски и истражувачки сектор во сферите на автомобилската индустрија, вештачката интелигенција  и иновациите. 

- Европа се наоѓа на клучна раскрсница. Во ера дефинирана од геополитички влијанија, технолошки промени и климатски предизвици, нашиот одговор мора да биде храбар и обединет. Иновацијата е камен-темелник на конкурентноста на Европа на глобалната сцена. Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Барселона и од прва рака да видам што може да постигне ЕУ со инвестирање во иновативни решенија и стратешки индустриски развој. Така можеме да обезбедиме посилна, попросперитетна и поотпорна Европа за идните генерации, изјави Кошта во пресрет на посетата. 

Како што соопшти Европскиот совет, посетата на Кошта ја истакнува важната улога што ја играат европските региони, како што е Каталонија, во понатамошното унапредување на европската интеграција и придонесот кон стратешките приоритети на ЕУ.  

- Посетата, исто така, ја одразува континуираната посветеност на ЕУ за подобрување на индустриските капацитети на Европа, промовирање на иновациите и конкурентноста и поддршка на двојната зелена и дигитална транзиција, се додава во соопштението. 

Посетата на Барселона, Кошта ќе започне со обиколка на фабриката на СЕАТ, кој е клучен центар за шпанската автомобилска индустрија и важен придонесувач за индустриската и зелена транзиција на ЕУ кон почиста автомобилска иднина, каде ќе има можност да се сретне со раководството на компанијата и да дознае повеќе за нејзината клучна улога во преминот кон возила со нулто ниво на емисија на штетни гасови. 

Потоа, Кошта ќе се обрати на годишниот состанок на граѓанската организација Економски круг (ЦДЕ), при што ќе говори за соработката на бизнисот, академската заедница и јавната администрацијата во обликување на јавниот дискурс за главните предизвици и можности за економски, социјален и политички напредок, како и за одговорот на ЕУ на геополитичките влијанија. 

Предвидено е Кошта да се сретне и со претседателот на каталонската Регионална влада, Салвадор Ија и Рока со кого ќе разговара за актуелните европски и локални прашања и за улогата на Каталонија како еден од економски најживописните и најиндустријализираните региони во Јужна Европа. 

Кошта ќе ги посети и Центарот за суперкомпјутери во Барселона (БСЦ) и синхротронот АЛБА, кои се меѓу водечките истражувачки институции во Европа во сферата на дигиталните иновации и развојот на вештачката интелигенција. сп/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан