• петок, 22 ноември 2024

Анкетната комисија за скандалот со Клиниката за онкологија продолжи со работа 

Анкетната комисија за скандалот со Клиниката за онкологија продолжи со работа 

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Собраниската Анкетната комисијата за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на денешната седница продолжи да ги разгледува актите и документите од Клиниката. 

На почетокот членови од СДСМ побараа извинување од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за изнесените наводи дека Владата со одлука уништува доказен материјал поврзан со Клиниката. Истакнаа дека всушност станува збор за документи за застарена медицинска опрема и канцелариска опрема во вредност од 0 денари. 

Милошоски се извини, но посочи дека недовербата во работата на Владата била оправдана. 

-Моите сомнежи беа најсериозно затоа што во ваков случај кога имаме опаѓање на довербата во здравствениот систем и гледаме дека тука има одбрана на Филипче на секој можен начин од неговата одговорност нормално е и ние како пратеници и многу пациенти да се сомневаат во начинот на кој Владата работи. Доколку Владата исправно работеше овој скандал воопшто немаше да се случи. Ние немаше да имаме таков скандалозен извештај од Државниот завод за ревизија во кој се регистрирани бројни незаконитости, рече Милошоски. 

Претседателката на комисијата Рашела Мизрахи рече дека согласно Деловникот сето искажано е надвор од него, но дека дозволува искажување на сите страни во прилог на откривање на вистината. 

Таа информира дека на Клиниката од 2018 година не постоел стручен колегиум кој согласно закон имал обврска да предлага до директорот набавка на лекови и друг потрошен материјал за вршење на дејноста на установата. 

-Со оглед на тоа дека стручен колегиум кој требало да ги отцрта реалните барања и потребите на пациентите се поставува прашањето од каде дојде листата на лекови за билошка терапија, таа е создадена некаде помеѓу директорот и Министерството за здравство, посочи Мизрахи. 

Согласно Законот за здравствена заштита секоја потреба од нова биолошка терапија бара одобрување од Министерството за здравство и анализа, додаде пратеничката посочувајќи дека таква анализа не постои. 

Мизрахи истакна дека не биле запазени и други законски рамки. 

-Здравствената дејност во зравствените установи од организациски аспект задолжително се врши согласно протоколи кои ги утврдува министерот за здравство. Вакви протоколи, акти, деловните, упатства или пак анализа во корелација со ФЗОМ и така натаму ние никогаш не видовме, појасни Мизрахи. 

Таа по добиените документи состојбата во Клиниката ја оцени како „целосен системски башибозук со докази“. 

Информира дека трошењето на залихите во Клиниката не биле соодветно архивирани, потпишани и одобрени од страна на одговорните лица. 

-Или ова во принцип значи дека се работно без никаква евиденција што забележал и Државниот завод за ревизија, рече Мизрахи. свс/ев/

Остани поврзан