Анкета: Германците со поголема доверба во владата на Мерц отколку во коалицијата на Шолц
- Според истражувањето спроведено меѓу 12 и 18 мај, 56 отсто од испитаниците изразиле надеж кога е во прашање новата коалиција составена од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), нејзината баварска сестринска партија ЦСУ и Социјалдемократите (СПД). Тоа е повеќе од 52 отсто кои во 2021 изразиле оптимизам за централно-левичарската коалиција на Шолц, Зелените и Слободните демократи (ФДП).
Берлин, 27 мај 2025 (МИА) – Поголем дел од германските граѓани имаат доверба во новата сојузна влада предводена од конзервативците, споредено со очекувањата што ги имале во 2021 година од претходната влада на Олаф Шолц, покажува анкета на Институтот за идни студии Опашовски од Хамбург.
Според истражувањето спроведено меѓу 12 и 18 мај, 56 отсто од испитаниците изразиле надеж кога е во прашање новата коалиција составена од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), нејзината баварска сестринска партија ЦСУ и Социјалдемократите (СПД). Тоа е повеќе од 52 отсто кои во 2021 изразиле оптимизам за централно-левичарската коалиција на Шолц, Зелените и Слободните демократи (ФДП).
Податоците покажуваат регионални и генерациски разлики. Во источна Германија, довербата е нешто пониска (50 отсто), но сепак повисока за 11 поени од 2021. Надежите се најсилни кај постарите од 50 години – 60 отсто од нив гледаат позитивно на новата влада, за разлика од 53 отсто кои ја поддржувале претходната.
Наспроти тоа, помалку млади лица изразуваат доверба. Додека 57 отсто од младите на возраст од 14 до 29 години ја поддржувале владата на Шолц, сега таа бројка изнесува 50 отсто.
Директорот на институтот, Хорст Опашовски, вели дека и покрај глобалните предизвици, јавноста покажува знаци на обновена надеж откако разочараноста од претходната влада полека стивнува. ссм/
фото: архива