• недела, 22 декември 2024

Андоновски: Имаме голема покриеност со интернет и најбрз пристап, а во исто време недоволна дигитализација на институциите

Андоновски: Имаме голема покриеност со интернет и најбрз пристап, а во исто време недоволна дигитализација на институциите

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Државата се соочува со два парадокса да има голема покриеност со интернет и најбрз пристап, а во исто време недоволна дигитализација на институциите. Потребни се зголемени инвестиции во дигиталната инфраструктура на институциите и систематски пристап кон целосна дигитализација на општеството, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

-Во Македонија постојат два парадокси. Едниот е дека имаме сериозно голема покриеност со интернет, и еден од најбрзите интернет пристапи, што беше покажано минатата недела со определени мерења и во исто време недоволна дигитализација на институциите, што не става под тие познати европски  индикатори за мерење на дигитализација на општеството на последното место во регионот, и да не каќжувам за поширокиот регион на Европа. Во исто време кога Македонија била лидер во оваа област до 2013-2014 година. Задачата ќе биде првенствено на институциите да се дигитализираат. Тоа значи дека треба да имаме зголемени и сеопфатни инвестиции во дигиталната инфраструктура на институциите, но во исто време не смееме да ги исклучуваме граѓаните. Затоа што ако имате дигитални алатки а немате луѓе кои што знаат да ги користат во администацијата и како граѓани, како корисници на услугите, тогаш не може да очекувате правилно и целосно искористување на дигиталните алатки. Не е целта да имаме компјутери за да се попфалиме дека сме купиле некаква ИТ инфраструктура, туку максимално да бидат искористени, рече Андоновски прашан колку од институциите се дигитализирани, колку имаме капацитет за да се трансформираме во едно дигитално општество.

Тој нагласи дека во наредниот период Министерството ќе работи на поставување стандарди за максимално искористување на постоечките капацитети, а таму каде што има потреба да се направи и нивна надградба и дополнителна дигитализација. 

-Дигитализаицијата се автопатите на иднината, ако во 20-от и почетокот на 21 век фокусот требаше да биде исклучиво на автопатите и железницата, сега треба уште еден фокус да додадеме, а тоа е дигитализацијата затоа што светот станува дигитален. Ние не можеме да останеме настрана од тие текови, а тоа ќе го правиме сако ако внимателно, систематски и фокусирано инвестираме. Не дека инвестицијата треба да биде сама за себе, туку бара систематски пристап кон целосна дигитализација на општеството, рече министерот Андоновски прашан во однос на тоа дали државата има средства за дигиталната трансформација на општеството. 

Андоновски денеска во ЕУ инфо хаус, потпиша Грант договор со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и партнерите на проектот. Грантот е во висина од 650 000 евра а остатокот до 850 000 евра ги кофинансира Владата.

Северна Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на Cable.co.uk, што го објави минатата недела статистичкиот портал „Ландгеист“.

Со брзина на интернет конекциите од 97,9 Mbps, Северна Македонија е пред Словенија, 97,0 Mbps, Србија 60,5 Mbps, Косово 57,3 Mbps, Грција 53,9 Mbps, Црна Гора 49,5 Mbps, Босна и Херцеговина 44,0 Mbps и Бугарија 40,4 Mbps. вг/нд/

Фото: Министерство за дигитална трансформација

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан