• вторник, 13 мај 2025

Андоновски: Дигитализацијата на општинските услуги за граѓаните ќе донесе брзи и ефикасни услуги

Андоновски: Дигитализацијата на општинските услуги за граѓаните ќе донесе брзи и ефикасни услуги

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Општина Битола, каде што оствари средба со градоначалничкот Тони Коњановски, но и ги посети канцелариите на Центарот за услуги (ЕТУ) во Битола. Главна тема на посетата беше унапредувањето на процесот на дигитализација на општинските услуги и интегрирањето на локалните институции преку националната платформа за интероперабилност, информираат од Министерството.

На средбата со градоначалникот Коњановски, било разговарано за конкретни чекори за отпочнување на процесот на дигитализација на општинските услуги достапни за граѓаните на Битола. Министерот Андоновски ја истакнал важноста на дигиталната трансформација како алатка за поголема ефикасност, транспарентност и достапност на услугите за сите граѓани, без разлика дали се во урбани или рурални средини.

-Битола има огромен потенцијал да биде предводник во дигитализацијата на општинските услуги. Одличниот човечки потенцијал од универзитетот во Битола, но и партнерството со општината и со поддршка на нашите центри за услуги, сакаме да обезбедиме дека секоја важна услуга ќе биде достапна на клик. Затоа, Битола ќе биде исто така приклучена на платформата за интероперабилност, а достапни ќе бидат и бесплатни WiFi зони за граѓаните во Битола, изјавил министерот Андоновски.

Во рамки на посетата, министерот направил увид во функционирањето на ЕТУ Центарот каде се обезбедуваат административни услуги за граѓаните. Се разговарало за проширување на електронските услуги на локално ниво, овозможување на побрзо издавање на уверенија, дозволи и решенија преку дигитални канали, и интегрирање на системите со националната платформа за интероперабилност, која овозможува размена на податоци меѓу институциите без потреба од хартиена документација.

Министерството за дигитална трансформација, велат оттаму, продолжува со посветеност да ги поддржи општините во процесот на дигитализација, со цел до крајот на 2025 година првите општини да нудат најупотребувани услуги за граѓаните, а тие да имаат пристап до брзи, безбедни и транспарентни услуги од својот дом.

Општините на овој начин, сметаат од Министерството, ќе се доближат уште повеќе до граѓаните. Услугите кои ќе ги нудат општините ќе бидат полесно достапни и преку компјутер и мобилен телефон, а и преку центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација. сст/аа/

Министерство за дигитална трансформација

 

Остани поврзан