• недела, 22 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Народната банка втора во светот која учествуваше во пилот проектот на ММФ за оценка на транспарентноста

Ангеловска-Бежоска: Народната банка втора во светот која учествуваше во пилот проектот на ММФ за оценка на транспарентноста

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - На покана на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Централната банка на Франција, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Регионалниот форум за развој на капацитетите, организиран од овие две институции.

Ангеловска-Бежоска зборуваше за позитивните достигнувања на нашата централна банка во сферата на транспарентноста, макроекономското моделирање и стрес тестирањето на банкарскиот систем, за кои поддршката од ММФ, како што нагласи, беше од исклучително значење.

Преку Народната банка, нашата земја беше втора во светот која учествува во пилот проектот за оценка на транспарентноста во однос на новиот Кодекс на транспарентност на ММФ донесен во 2020 година.

-Високата усогласеност на практиките кои ги применува централната банка со предвиденото во Кодексот, е значајна потврда за заложбите на нашата институција за високо ниво на транспарентност и отчетност. Во изминатиот период продолживме да ја унапредуваме комуникацијата и транспарентноста во работењето, коешто ја зголемува ефективноста на монетарните мерки, а истовремено придонесува и за кредибилитетот на институцијата во јавноста, коешто беше констатирано и во самиот извештај на ММФ, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Како добар пример на соработка помеѓу ММФ и Народната банка беше посочен и макроекономскиот модел кој се користи во процесот на донесување на монетарни одлуки, а беше создаден преку заеднички напори на Народната банка (Дирекцијата за монетарна политика и истражување) и експертски тим на ММФ.

-Покрај поддршката во макроекономското моделирање, ММФ обезбеди и долгогодишна поддршка во надградување на оперативната монетарна рамка, вклучително и во изминативе неколку години. Имајќи ги во предвид препораките на ММФ, Народната банка тековно работи на посеопфатни промени на монетарната рамка. Ова е особено важно, имајќи ги предвид структурните карактеристики на македонската економија, но и динамичните промени на економските и финансиските услови, коешто бара иновативен и приспособен пристап при спроведување на монетарната политика, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Народната банка и ММФ остваруваат долгогодишна успешна соработка која покрива широк опсег на важни области на централното банкарство. Придобивките од оваа соработка се бројни, во смисла на постојано надоградување на вештините и знаењето на вработените и зајакнување на капацитетот за ефективно исполнување на мандатот и одговорностите на централната банка. мч/

фото: Народна банка

Остани поврзан