• петок, 22 ноември 2024

Анализа: Назначувањето в.д. директори често е редовна практика наместо во исклучителни ситуации

Анализа: Назначувањето в.д. директори често е редовна практика наместо во исклучителни ситуации

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) – Правните празнини и недоречености во легислативата како и дискрециските овластувања се ризик за интегритетот и назначувањето засновано на заслуги на раководни позиции во јавните институции, беше заклучено денеска на тркалезна маса на која беше презентирана анализата „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“ на истражувачот Миша Поповиќ. 

Еден од клучните проблеми нотирани во анализата е назначувањето в.д. директори што не се користи само во исклучителни ситуации како што е предвидено, туку многу почесто е замена на редовниот процес на назначување. Според анализата, дури во 37 отсто од случаите кои се опфатени со неа, се работело за назначување вршители на должност (в.д.).

-Праксата покажува дека употребата на вршители на должност е се уште значителна и дури се забележува кај некои институции дека континуирано се именуваат в.д., се избегнува да се направи оглас на кој е предвидено да може да учествуваат повеќе кандидати. Тоа е, всушност, главниот индикатор дека се обесхрабрува конкуренцијата со оваа пракса и дури и кога има огласи, се пријавува само еден кандидат затоа што луѓето се под перцепција дека тоа работно место е загарантирано за пожелен кандидат, изјави Поповиќ.

Во врска со законската регулатива се забележува дека често не е доволно добро уредено начинот на кој  се избираат директорите и се уште нема, рече тој, доволно структура на правила која ќе обезбеди дека навистина ќе има транспарентност и барање на најдобриот кандидат – во јавните претпријатија, здравствените домови и особено во трговските друштва во целосна државна сопственост  односно најголемите државни компании.

Именувањето в.д директори, додаде Поповиќ, е дискрециско право кое секогаш постоело во управување со институциите, но нагласи дека постои регулатива која бара на тие што ги носат одлуките нив и да ги образложат. И Законот за општа и управна постапка, додаде тој, налага дека за секоја одлука мора да има образложение.

-Но, ние тие образложенија не ги гледаме во одлуките за именување. Имаме само констатација кое лице е именувано. Да именувате в.д. не значи само да го поставите. Треба да образложите, особено кога именувате директор без некои околности кои навистина налагаат да се именува в.д. Тоа се околности кои се несреќни и неповолни, на пример смрт – кога веднаш мора да именувате некого. Но, ако сакате да промените некого, вие веднаш штом ќе именувате в.д. мора да почнете постапка за објавување оглас. А во самата одлука за именување вршител на должност, вие треба да образложите зошто токму тоа лице сте го именувале, истакна Поповиќ.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска рече дека ако се работи за системско отстапување, и решението мора да биде такво и треба политичка волја од сите страни и општествен консензус.

-Лоцирањето на слабостите во правната рамка на ова поле мора да води кон конкретни реформи во насока на подобрување на транспарентноста и објективноста при назначувањата, за да се зајакне довербата на граѓаните во институциите и во системот во целост, рече Грковска.

Порача дека на раководни места треба да бидат професионалците и вистински квалитетните лица со интегритет, додавајќи дека човечкиот потенцијал е во основата на политиките за добро владеење и тие се единствено можни „ако имаме вистински луѓе на вистинско место“. Ако заслугите и квалификациите се второстепени, а личните преференции, одредени форми на притисок или самата политичка констелација во одреден период е одлулувачки фактор во назначувањето, рече таа, недореченостите во легислативата мора да се надминат.

- Мора да создадеме услови и атмосфера во која тие нема да бидат лишени од можноста да напредуваат и да раководат со институции, а не да ги напуштаат или да ги сметаат за неатрактивни за работа од аспект на нивниот професионален и кариерен развој. Затоа е важно воспоставувањето цврст систем заснован на заслуги. На тој начин јавниот сектор ќе може да ги привлече, но и да ги задржи компетентните лидери, кои со своето раководење ќе придонесат за ефективна и ефикасна работа на институцијата, претпријатието, или која било организација, истакна вицепремиерката Грковска.

Посочи дека од оваа година надлежна за избор по пат на јавен оглас стана Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој и првпат почнало да се практикува јавен оглас и интервјуа за членови во управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.  

-Истото решение го предлагаме сега при подготовка на Законот за трговски друштва, додаде Грковска.

Анализата што денеска беше презентирана е изработена со поддршка од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) и содржи препораки што треба да и помогнат на Владата за преземање чекори што ќе го подобрат системот.

Директорката на IFES во земјава, Јоана Косма, соопшти дека се работи за техничка помош за надзорните тела и институции, а истовремено и исполнување на меѓународни препораки и практики.

-Денешниот настан е одлична можност да се разговара за многу важни аспекти што се однесуваат на назначување на раководни позиции. Ова е тема што бара голем придонес и заложба и посветеност, се надевам дека ќе има применливи решенија и напредок за идентификуваните јазови низ годините и тие што се нотирани во оваа анализа. Тоа на крајот ќе доведе до развивање јавна администрација што ќе биде компетентна, што ќе се заснова на заслуги и која на граѓаните ќе им дава услуги професионално и ефикасно, а со тоа ќе се зголеми и довербата во управувањето на државата, рече Косма. хс/нд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан