• сабота, 21 декември 2024

Американскиот емисар за регионот, Касаноф се сретна со лидерите на опозициските партии во Косово

Американскиот емисар за регионот, Касаноф се сретна со лидерите на опозициските партии во Косово

Птиштине, 11 октомври (МИА) - Заменикот државен секретар и специјален пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Александар Касаноф, кој од вчера престојува во Косово, денеска се сретна со косовските опозициски лидери, јави дописникот на МИА од Приштина.
На средбата со претставници на најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Касаноф разговарал за актуелните случувања во земјата и регионот. 

Претседателот на ПДК Мемли Красниќи по средбата со американскиот емисар порача дека Косово треба да се координира со сојузниците.
„На средбата ја повторив потребата на државата Косово да ги координира своите позиции со нашите стратешки сојузници, а особено со САД. Косово како успешна приказна е резултат на добрата соработка и сигурното партнерство со своите пријатели“, напиша Красниќи на Фејсбук.

Лидерот на Демократскиот Сојуз на Косово, Љумир Абдиџику на средбата со Касанов ја нагласил загриженоста на неговата партија поради нарушениот однос на Владата на Косово со САД и другите стратешки и безбедносни партнери.

Опозицискиог лидер му рекол на високиот американски функционер дека доколку ЛДК ја води Владата по изборите на 9 февруари, нејзин приоритет ќе биде да ги поправи односите со САД.

„Претседателот Абџику го увери г-дин Касаноф дека со формирањето на новата влада, предводена од ЛДК, по изборите на 9 февруари, поправувањето на овие односи ќе биде прашање од највисок приоритет“, напиша ЛДК на својата страница.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, рече дека единствениот пат напред за Косово е партнерството со САД.

„Силната поддршка на САД за народот на Косово продолжува и покрај непотребните тешкотии предизвикани од оваа влада (на Косово). Единствен начин да ги постигнеме нашите цели како држава е соработката и партнерството со САД, како наш стратешки и вечен сојузник“, напиша Харадинај на Фејсбук.

Во текот на вчерашниот ден Касаноф се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со премиерот, Албин Курти.

Касаноф ја започна својата прва посета на регионот, откако пред три месеци ја презеде функцијата американски емисар за Западен Балкан од Габриел Ескобар, во понеделникот, кога го посети Сараево, од каде замина за Белград, а потоа допатува во Приштина. иа/

Остани поврзан