• сабота, 21 декември 2024

Американскиот емисар за Балканот, Касаноф денеска во Приштина, откако ги посети Сараево и Белград

Американскиот емисар за Балканот, Касаноф денеска во Приштина, откако ги посети Сараево и Белград

Приштина, 10 октомври 2024 (МИА) – Заменик-помошникот државен секретар и нов американски емисар за Западен Балкан, Александар Касаноф се очекува денеска да допатува во Косово, откако во изминатите два дена престојуваше во Босна и Херцеговина и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението за медиуми на Амбасадата на САД во Косово, Касаноф во Приштина ќе се сретне со претставници на Владата на Косово, како и со претставници на опозициските партии, на граѓанскиот сектор и бизнисите.

Косовскиот премиер, Албин Курти вчера на прес-конференција потврди дека денеска ќе се сретне со Касаноф, а на новинарско прашање што се очекува од средбата, рече дека „што се однесува до тоа …, верувам дека треба да имаме трпение уште 24 часа“.

Американскиот дипломат во понеделникот допатува во Босна и Херцеговина, а потоа ја посети и Србија.

По посетата на Сараево и по разговорите со Претседателството на БиХ и Министерството за надворешни работи, Касаноф повтори дека САД „силно го поддржуваат територијалниот интегритет, суверенитетот и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина“.

Тој го обвини претседателот на Република Српска, Милорад Додик за нападите врз БиХ и ги повика властите на овој ентитет да ги назначат судиите на Уставниот суд од РС и да ги спроведат неговите одлуки.

Од Сараево, американскиот емисар отпатува за Белград, каде што вчера се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого, како што соопшти официјален Белград, разговарал за „клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како и регионалните и глобалните предизвици кои влијаат на стабилноста на целиот регион, тешката и сложена ситуација во Косово“.

Ова е прва посета на Касаноф на регионот откако ја презеде функцијата емисар на САД за Западен Балкан по заминувањето на Габриел Ескобар од таа функција кон средината на јули годинава. иа/

Остани поврзан