• понеделник, 23 декември 2024

Амбасадорот Тицињски ги посети мултифункционалните игралишта во Бањица и Лисиче, донација од Полска

Амбасадорот Тицињски ги посети мултифункционалните игралишта во Бањица и Лисиче, донација од Полска

Велес,15 февруари 2023 (МИА) - Полскиот амбасадор во земјава Војциех Тицињски заедно со својот домаќин, градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски денеска направија увид на спортските терени на двете мултуфункционални игралишта во селата Бањица и Лисиче, кои во вредност од околу еден милион денари ги финансираше Полската амбасада во соработка со Општината и Чашка и ЈКП „Тополка“.

Двете игралишта се наменети за кошарка и мал фудбал и други спортски активности за жителите од двете села во Општина Чашка.

-Особено сум горд што овие проекти се реализираат во две населени места, во селото Бањица кадешто е доминантно население од албанска етничка заедница и селото Лисиче е исклучиво населено со Македонци. Ние како општина се грижиме да  има баланс - соживот, а за тоа пример е и оваа населено место Бањица, потенцира градоначалникот Стојановски.

Полскиот амбасадор појасни дека ова е втор проект кој во Општина Чашка се реализира со подршка на Полската Амбасада.

-Се радувам што двата проекти се насочени кон младите, кон нивното образование и спортот. Во поширок контекст, ова е одличен елемент за полско-македонска соработка. Европската интеграција на Р.С.Македонија е сто проценти подржувана од страна на Полска. Нашата поддршка во најголем процент е реализирана со поддршка на Брисел. Но, за нас многу е важна и соработката на локално ниво со општините, потенцира полскиот амбасадор Тицињски.

Тој воедно информира дека пред посетата на Општина Чашка бил во посета на Општина Росоман каде реализирале проект за Основното училиште во село Сирково, при што со финансиска поддршка на Полската амбасада се реновирани училишните тоалети во училиштето. 

Полскиот амбасадор Тицињски информира дека со градоначалниците на Општина Чашка и Росоман разговарале за продолжување на соработката и искажа надеж дека и годинава ќе реализираат нови заднички проекти. ад/сст/

 

 

 

Остани поврзан