• сабота, 05 октомври 2024

Амбасадорот Марковски се сретна со претседателот на Советот на албански амбасадори

Амбасадорот Марковски се сретна со претседателот на Советот на албански амбасадори
Тирана, 15 ноември 2021 (МИА) - Во рамки на активностите од сферата на јавната дипломатија, македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, оствари средба со поранешниот амбасадор Бесник Мустафај, претседател на граѓанското здружение Совет на албански амбасадори во Тирана, информираа од амбасадата. -Разговорот беше искористен за размена на информации околу статусот на здружението, неговите активности, можностите за соработка, но и компаративно согледување со нашите две здруженија, дипломатскиот клуб и Советот на амбасадори, стои во објавата на официјалната страна на амбасадата на Фејсбук. Се додава дека била потенцирана улогата на овие здруженија и потенцијалот што нивните членови го имаат во давањето на свои мислења и сугестии за меѓународните односи, меѓународната политика и дипломатската служба на своите држави. -Во однос на македонските искуства амбасадорот Марковски ја афирмираше полезноста од користење на искусните кадри во делот на промоцијата на надворешната политика на земјата, одржувањето, односно создавањето на пријателски врски со странските амбасадори и дипломати, па се до нивното вклучување во едукативниот процес организиран од МНР или од високо образовните институции во земјата, се наведува во објавата. Марковски информирал и за издавачката дејност на дипломатскиот клуб, преку стручното списание „Дипломатски летопис“, како и организирањето на тркалезни маси и конференции. -Амбасадорот го потенцираше значењето од остварената соработка со државниот и со приватните универзитети, каде членови на овие здруженија повремено држат предавања на одредени теми, со оглед на тоа што дел од нив создаваат и стручна литература. На средбата беше предложено воспоставување на меѓусебни контакти за можна идна соработка, се посочува во објавата на македонската амбасада во Тирана. вт/дма/
vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан