• петок, 26 јули 2024

Амбасадорите на Квинта на средба со косовскиот државен врв во врска со членството на Косово во СЕ

Амбасадорите на Квинта на средба со косовскиот државен врв во врска со членството на Косово во СЕ

Приштина, 3 април 2024 (МИА) – Амбасадорите на петте најмоќни држави акредитирани во Косово – Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, познати како „Група Квинта“, беа примени доцна попладнево од претседателката на Косово, Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средбата одржана во кабинетот на Османи присуствуваа и премиерот, Албин Курти и спикерот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, а единствената информација што ја објави претседателскиот кабинет е дека косовскиот државен врв со дипломатските претставници на Квинтата разговара за процесот на зачленување на Косово во Советот на Европа.

-Средба на претседателката Османи, претседателот на Собранието Коњуфца и премиерот Курти со амбасадорите на државите на Квинта во врска со зачленувањето на Косово во Советот на Европа, се вели во краткото соопштение на кабинетот на Османи, придружено со фотографија од средбата.

Извештајот на специјалната известувачка на СЕ за Косово, Дора Бакојани ќе се најде на гласање пред Парламентарното собрание на Советот на 16 април, додека Комитетот на министри на земјите членки на СЕ, според најавите од Стразбур, на 16 и 17 мај ќе ја одржи својата 133-та седница, на која се очекува да се гласа за барањето на Косово за членство во организацијата. иа//

Остани поврзан