• сабота, 23 ноември 2024

Алијансата за Албанците утре ќе го формира тимот за преговори за влез во Владата

Алијансата за Албанците утре ќе го формира тимот за преговори за влез во Владата

Скопје, 26 јануари 2023 (МИА) – Алијансата за Албанците утре ќе го одржи состанокот на Претседателството на партијата, на која се очекува да биде формиран тимот кој ќе ги води преговорите за влез во Владата, повтрдија за МИА од партијата.

– Во централните канцеларии на партијата во Тетово, утре ќе се одржи следната средба каде што меѓу другото ќе дискутира за политичките случувања. На оваа средба на дневен ред ќе биде и одлуката на Централното собрание за формирање на преговарачкиот тим. По завршувањето на состанокот, за одлуките јавноста ќе биде информирана преку соопштение за медиумите, информираат од Алијансата за Албанците.

Во Владата вчера имало средба меѓу премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и на Алтернатива Африм Гаши, повтрдија од Алтернатива за МИА.

 

Како што посочуваат од партијата, Ковачевски и Ахмети му образложиле на Гаши дека потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата е за пофункционално Собрание, односно мнозинството да не „кубури за кворум“ и што во таа насока можат да направат трите владини партнери. На средбата од Гаши не било побарано Алтернатива да отстапи конкретно министерство, но со формулацијата „што може да направиме за влез на Алијанса во Владата“ јасно е дека трите партии треба да отстапат по еден ресор, велат отаму.

– Гаши на средбата ја повторил позицијата дека Алтернатива веќе има договор со СДСМ за Влада и дека очекува тој договор да се исполни. Дека и по една година од договорот се уште не се реализирани ниту сите програмски, ни кадровски решенија кои биле договорени, односно дека 15 кадровски позиции не се исполнети. Гаши прашал зошто сега да склучат нов договор за влез на Алијанса во Владата и кои се гаранциите дека тој ќе се реализира, кога не е исполнет договорот меѓу Гаши и експремиерот Зоран Заев, велат од Алтернатива.

Претходно, во изјава за медиумите Ковачевски рече дека разговарал и дека ќе разговара со коалициските партнери за теми кои се значајни за работењето на Владата.

– Имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер. Тоа исто така ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, кои сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано, рече Ковачевски, додавајќи дека доколку има такви разговори, тогаш ќе бидат консултирани и ќе разговара со коалициските партнери во Владата. фф/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан