• понеделник, 23 декември 2024

Албанија „на нозе“ по најавата за проширување на грчките територијални води во Јонско Море

Албанија „на нозе“ по најавата за проширување на грчките територијални води во Јонско Море
Тирана, 27 август 2020 (МИА) – Веста дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Парламентот изјавил оти Грција ќе ја прошири морската граница за 6-12 милји во Јонското Море, а потоа и информацијата дека претходно со албанскиот премиер Еди Рама телефонски разговарал шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и најавата дека набрзо ќе престојува во посета на Тирана, предизвика реакции во Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана. Првата реакција дојде од Рама, кој одговарајќи на граѓанин на Фејсбук на вообичаена комуникација напиша дека „морето и копното не се подаруваат како облека“. - Морињата и копното не се подаруваат како облека, мој пријателе, затоа пред да разговараш за вакви теми, седни, прочитај, информирај се, а потоа искажи се и заштити се од големи лаги, напиша Рама. Опозицијата преку поранешниот шеф на дипломатијата, универзитетскиот професор Тритан Шеху, обвини дека Рама „кој го анатемирал договорот за морската граница од 2019 година, сега, кога Грција ги проширува територијалните води на 12 милји во Јонското Море, молчи“. Шеху потенцира дека ова се активности на една влада, која е на заминување и е „преполна со гревови“. „Би сакал на почетокот да истакнам дека во принцип е право на Грција да вложи вакви напори. Прашањето лежи кај Рама, кој анатемисуваше сè додека не го поништи договорот од 2009 година, што беше најдобро можно реализирано и со оддалеченост од 6 милји, дополнително го спречи испраќањето на ова прашање во Хаг, во согласност со двете страни кога и Грција во тој период не се спротивстави на тоа, поминувајќи од авантуристичкото уништување на стратешките односи со таа земја, до целосно губење на достоинството со „песна и оро“, напиша Шеху во реакцијата на Фејсбук. Посочува дека токму ваквите апсурдни и намерни активности во надворешната и регионалната политика и нанеле непроценлива штета на земјата во односите и позицијата, во процесот на интеграција и губењето на улогата за стабилноста на регионот. - Оваа Влада во заминување директно е одговорна за тоа што „зготви“. Сега нема ниту морално, ниту политичко или законско право да преговара за вакви прашања, за кои на крајот решение ќе најде новата демократска влада, во духот на соработка и длабока одговорност, што ќе ја зајакне стабилноста во регионот и ќе ја врати нашата земја на потребната позиција за ова, наведува Шеху. Од албанското Министерство за Европа и надворешни работи за „Гласот на Америка“ изјавиле дека проширувањето на морската граница на Грција нема никаква поврзаност со албанско-грчката водна граница. „Министерството за надворешни работи на Албанија одговори на интересот на „Гласот на Америка“ на оваа тема, во врска со изјавите за проширување на грчките територијални води од 6 до 12 наутички милји и потенцира дека ова е проблем што е регулиран со меѓународното право и конкретно со Конвенцијата за законот за море(UNCLOS) од 1982 година“. Министерството наведува дека Албанија и Грција, како соседни земји кои делат морски зони, веќе се посветени на постигнување нов договор „во духот на меѓусебното разбирање и интерес, заснован врз принципите и нормите на законот за море, меѓународната практика, како и почитување на одлуката на Уставниот суд“. По лавината реакции на социјалните мрежи, доцна синоќа на „смиреност“ повика вицепремиерт Ерион Браче, гарантирајќи дека „на земјата не ѝ се зема ни сантиметар. Тој повика на смиреност бидејќи „никој не ја нападнал Албанија, ниту некој ѝ запоседнал копно и море“. Понатаму објаснува дека земјата и морето се загарантирани со национални и меѓународни закони. Тој, исто така, потсетува на договорот од времето на владата на Демократската партија, кој го нарече противуставен на една деградирана влада. „Смирете се. Хистерија не е наша моќ, туку наша слабост. Ви се обраќам на сите вам кои милувате со часови да коментирате на социјалните мрежи: смирете се. Никој не не окупира, ниту ни запоседна копно и море! Копно, море и сè друго што Бог ни дарувал во овие делови се загарантирани со меѓународните и националните закони, тие не се бранат со хистерија, туку со знаење, спокојство, разум, закон, страст и љубов за секоја педа копно и море, напиша Браче. Прашањето за морската граница меѓу двете земји е тема која често се актуализира во Албанија и неретко се посочува како грчки услов за членство на Албанија во ЕУ. Во неколку наврати организирани се протести против „намерата на Владата да ѝ отстапи на Грција дел од териотријалните води“ од кои се порачува дека тоа „е национално предавство и доколку тоа е услов за добивање датум за преговори со ЕУ не треба ни да се случи“. Во април 2009 година тогашните шефови на дипломатиите на двете земји, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, во Тирана го потпишаа договорот за поморското разграничување и за обележување на границата. Но, Уставниот суд на Албанија следната година го прогласи договорот за неуставен. Експертите од оваа област тврдеа дека Бериша на Грција „ѝ подарил” над 200 квадратни километри морска територија, што ѝ припаѓала на Албанија, каде се смета дека има големи наоѓалишта на нафта и гас. Вера Тодоровска

Остани поврзан