• среда, 13 ноември 2024

Албанија потпиша меморандум за соработка со Азербејџан за гасификација на округот Корча

Албанија потпиша меморандум за соработка со Азербејџан за гасификација на округот Корча

Тирана, 13 ноември 2024 (МИА)- Албанија и Азербејџан,  потпишаа меморандум за соработка за гасификација на Корча, што ќе продолжи и во Подградец и Ерсек а потоа и други градови.

Договорот е потпишан во Баку во присуство на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на 29-та Конференцијата на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени(COP29). 

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, по потпишувањето, за албанските медиуми, изјави дека  реализацијата на проектот почнува во 2025 година а целта е гасификација на целата територија на земјата.

- Ова е многу добра вест, која долго време е разгледувана  меѓу "Албгаз"и "СОКАР",  а сега станува реалност. Нашите планови се што поскоро да почнеме со работа, почнувајќи од инженерскиот дел. Се очекува работата да започне во 2025 година и да заврши во 2027 година. Имаме намера да создадеме цела дистрибутивна мрежа која го покрива целиот град Корча, но и градските бизниси, изјави Балуку.

Според министерката, проектите за гасификација на земјава ќе продолжат до 2030 година.

-Колку се зголемува планот за гасификација на Албанија, толку се намалуваат трошоците. Во почетокот државата ќе ја поддржи оваа нова процедура, овој нов производ, проширувајќи го и на подрачјето на Поградец и Ерсек. Прогнозираме дека оваа гасификација на државата ќе продолжи до 2030 година, покривајќи поголем дел од градовите, кои имаат и индустриски делови, најави Балуку.

Таа додаде дека Албанија е ангажирана во заштитата на животната средина и целта е повеќе да не се користи огревно дрво за затоплување. вт/

Фото: Балуку ФБ

Остани поврзан