• петок, 19 април 2024

Албанија побара помош од САД за законот против дезинформации, откако формира посебна комисија за тоа

Албанија побара помош од САД за законот против дезинформации, откако формира посебна комисија за тоа

Тирана, 3 април 2024 (МИА) – Претседателката на албанскиот парламент, Линдита Никола, по формирањето на посебната комисијата против дезинформации, испрати писмо до високиот функционер на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, во кое се бара помош од САД во борбата против дезинформациите.

Меѓу другото нагласува дека искуството на специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт Департментот ќе и помогне на комисијата во нејзините напори против „странските малигни влијанија“ и го поканува високиот функционер да ја посети Тирана.

-Бидејќи Албанија нема соодветна рамка за справување со таквите влијанија, би сакала не само да упатам покана до вас да го посетите Собранието на Република Албанија, туку комисијата ќе има голема корист од вашето искуство и знаење против овие сили. Би сакала да ве замолам да се обратите пред Собранието за важноста на заедничките напори за борба против странските малигни влијанија. Ве молам да ја поттикнете соработката во оваа клучна работа. Ви благодарам за разгледувањето и со нетрпение го очекувам вашиот одговор, пишува Никола.

Посебната собраниска комисија против дезинформации беше изгласана денеска на седница на Претседателството на парламентот само со гласовите на владејачкото мнозинство и покрај барањето на опозицијата да ѝ се даде повеќе време.

-Специјалната комисија, преку сеопфатен и долгорочен пристап, треба да промовира идентификација на странско мешање во демократските процеси преку низа форми, вклучително и кампањи за дезинформација преку традиционалните и социјалните медиуми за обликување на јавното мислење, директна или индиректна финансиска поддршка, како и злонамерното економско влијание на јавните актери и поткопувањето на активноста на граѓанското општество, стои во барањето на социјалистите за формирање на комисијата.

Сите државни органи, јавни органи и независни институции имаат обврска да соработуваат со посебната комисија и без одлагање да и стават на располагање секоја документација или информација што ќе ја бара Комисијата за извршување на нејзините должности и функции. Собранието треба да преземе мерки за создавање услови за работа и логистичка и кадровска поддршка за активноста на Специјалната комисија. вт/

Фото: Албански парламент

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан