• петок, 10 мај 2024

Акција за засадување нови садници во Делчево

Акција за засадување нови садници во Делчево
Делчево, 21 март 2022 (МИА) - Екипи на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ денеска ја започнаа акцијата за засадување нови садници и збогатуваат зелените површини во Делчево, со цел парковското зеленило да добие нов лик во градот. Садниците се набавени од Општина Делчево во тендерска постапка, од каде информираа дека за таа намена, се одвоени средства во висина од околу 337 илјади денари. - Економски оператор е „Градина цвет“ од с. Владиевци Василево, а набавени се 315 садници од повеќе видови меѓу кои туа смарагди и други сорти. Украсните садници се засадуваат по должината на парковското зеленило на бул „Македонија“ до излезот кон село Ѕвегор, истакнаа од општината. Градоначалникот Горан Трајковски, кој изврши увид на почетокот на акцијата, истакна дека целта е да се збогатат содржините во јавните зелени површини во градот. - Традиционално, на денот на пролетта организираме акции за зголемување на зелените површини во градот и за засадување нови садници. И оваа година организираме таква акција и даваме свој придонес за зачувување на животната средина. Украсните садници кои се засадуваат ќе дадат посебен и богат изглед на булеварот кој е фреквентна сообраќајна артерија за транзит на возила за влез и излез од земјава, но секако ќе влијаат и на прочистување на амбиенталниот воздух и со тоа директно придонесуваме кон почиста животна средина, рече Трајковски и посочи дека со претходно спроведените акции за засадување, парковското зеленило по должината на главната сообраќајница во Делчево, како целина добива комплетно нов лик. Во наредниот период во Делчево ќе се засадат и 20 костени кои Општина Делчево ги доби по пат на донација од „Фарма-органика“-расадник од Прилеп, кои ќе се засадуваат по должината на ул „Кеј на ослободување“ на потегот до градскиот стадион. Од Општината изразија благодарност до „Фарма-органика“ за донираните садници кои ќе ја разубават ул „Кеј на ослободување“и градскиот парк, притоа напоменувајки дека во наредниот период ќе се уредува и површината на кејот на река Брегалница до пешачкиот мост, каде се планира засадување врби и липи.вс/фф/

Остани поврзан