• среда, 02 октомври 2024

Адријан Њуи се приклучи на Астон Мартин

Адријан Њуи се приклучи на Астон Мартин

Силверстоун, 10 септември 2024 (МИА) - Легендарниот дизајнер Адријан Њуи се приклучи на Астон Мартин, потврди британскиот тим, а тој ќе ја преземе улогата на извршен технички партнер. 65-годишниот дизајнерски гуру пред неколку месеци најави заминување од Ред Бул, по 19 години минати во тимот од Милтон Кејнс.

За Њуи беа заинтересирани и Ферари, Мекларен и Мерцедес, но на крајот тој потпиша договор со Астон Мартин според кој ќе заработува 20 милиони фунти годишно. Новото работно место ќе започне на 1 март следната година.

-Среќен сум што му се приклучувам на Астон Мартин. Многу сум инспириран и импресиониран од страста и посветеноста што Лоренс Строл ги вложува во сè што прави. Тој е решен да го создаде најдобриот тим во светот, тој е единствениот мнозински сопственик активно вклучен во спортот, а неговата посветеност може да се види во развојот на технолошкиот центар и тунелот за ветер во Силверстоун, кои не се само дело на уметност, но и создаде неверојатна средина за работа. Заедно со Хонда и Арамко, тие го имаат она што е потребно за да го направат Астон Мартин шампионски тим и со нетрпение очекувам да помогнам да се постигне таа цел, рече Њуи.

Формула 1 легендата работеше за Вилијамс и Мекларен пред Ред Бул. За време на неговата богата кариера, во болидите кои тој ги дизајнираше беа освоени вкупно 12 титули во конкуренција на возачи и 13 кај конструкторите.

Иако се чинеше дека Ферари ќе успее да го привлече Њуи, особено поради фактот што следната година во тимот ќе го имаат Луис Хамилтон, тој сепак одлучи да остане во Велика Британија. Се очекува многу брзо да почнат да работат на болидот на Астон Мартин, не за следната сезона, туку во 2026 година кога ќе стапат на сила новите прописи.

Иако на почетокот се чинеше дека заминувањето на Њуи нема големо влијание врз Ред Бул, сепак австрискиот тим предводен од Макс Верстапен претрпе порази не само од актуелниот главен ривал Мекларен, туку и од Ферари. Холанѓанецот, кој брка четврта титула по ред, има 62 поени предност пред Ландо Норис од Мекларен.

Следната Формула 1 трка ќе се одржи претстојниот викенд за Големата награда на Азербејџан. дс

Фото: Астон Мартин Ф1

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан